X
 15.07.2021 Образование

Уписи на УКЛО - Создаваме иднина: Технолошко-технички факултет - Велес

Последниве десетина години, а особено со почетокот на актуелната пандемија, евидентна е зголемената побарувачка на храна што го поддржува имунолошкиот систем. Современиот потрошувач преферира храна со висок квалитет и нутритивна вредност, а ваквите барања наметнуваат потреба од примена на традиционални и иновативни технологии и рецептури во преработката на храната. Секако, тоа наметнува и потреба од едуциран кадар што ќе биде подготвен да се вклучи во процесите на производство на безбедна и здрава храна во согласност со современите потреби. Поради тоа, студирањето на модерни студиски програми поврзани со производството на храна претставува избор што гарантира стекнување знаења и профилирање стручен кадар, кој е баран на пазарот на труд и секогаш ѝ е потребен на заедницата.

Технолошко-техничкиот факултет (ТТФ) од Велес, како високообразовна институција при Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола, обезбедува континуиран процес на образование на високостручни кадри преку современи студиски програми на трите циклуси академски студии кои овозможуваат стекнување знаења, вештини и искуства од областа на нутриционизмот, прехранбената технологија и биотехнологија.

2

Во обезбедувањето квалитет на наставниот и научноистражувачкиот процес, Факултетот посветува особено внимание на научноистражувачката работа и практичната настава, преку која студентите стекнуваат адекватни искуства и знаења неопходни за нивниот професионален развој. За таа цел, Факултетот соработува со голем број стопански субјекти каде што се реализира практичната настава на студентите, предвидена со студиските програми. 

Технолошко-техничкиот факултет за академската 2021/2022 година на идните студенти на прв циклус академски студии во Велес им нуди две актуелни студиски програми: НУТРИЦИОНИЗАМ и ПРЕХРАНБЕНА ТЕХНОЛОГИЈА И БИОТЕХНОЛОГИЈА (четиригодишни студии) 240 ЕКТС. На дисперзираните студии во Битола, Факултетот ја нуди студиската програма НУТРИЦИОНИЗАМ.

На вториот циклус (магистерски) студии студентите имаат можност да избираат три атрактивни студиски програми: НУТРИЦИОНИЗАМ; УПРАВУВАЊЕ СО КВАЛИТЕТ И БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА (едногодишни студии) 60 ЕКТС и НУТРИЦИОНИЗАМ (двегодишни студии) 120 ЕКТС.

На третиот циклус (докторски) студии се нуди студиската програма: ИНОВАТИВНИ ТЕХНОЛОГИИ ЗА ХРАНА И НУТРИЦИОНИЗАМ  (180 ЕКТС).

Студиските програми на сите три циклуси се базираат на модерен мултидисциплинарен концепт насочен кон процесно-технолошките аспекти на производството на храна, во согласност со барањата на современиот потрошувач и новите сознанија во технологијата и науката за храна и исхрана. Програмите нудат знаења за водење и анализа на прехранбено-биотехнолошките процеси, имплементирање иновативни технологии и  примена на методологии за добивање храна со задржани оптимални нутритивни вредности, но и знаења во правец на креирање, производство и промоција на различни видови функционална и нова храна, храна за посебни нутритивни потреби, додатоци на исхрана и сл. производи, следејќи го концептот на минимално процесирана храна и зачувување на биоактивните карактеристики на суровините. Ваквиот пристап овозможува профилирање на стручни кадри со компетенции кои се барани на пазарот на труд.

1

Квалитетот на стекнатите знаења кај дипломираните студенти е препознаен од реномирани компании од прехранбениот сектор во државава и во странство, лабораториите за контрола на безбедност и квалитет на храната, научноистражувачки лабoратории, во институциите од јавниот сектор (градинки, училишта, здравствени установи), Агенција за храна и ветеринарство и други соодветни институции, каде што дипломираните кадри се реализираа како успешни вработени. Многу студенти по дипломирањето започнуваат сопствен бизнис во сферата на производство на храна и се успешни и препознаени како солидни професионалци.
Потврда за континуираните напори на ТТФ како институција да даде придонес во општествената заедница во насока на зацврстување на врската академија – индустрија е и формирањето на Прехранбено-технолошкиот центар за развој на иновативни продукти кон крајот на 2020 година. Овој Центар, чие формирање беше поддржано од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, претставува долгорочен стратешки инструмент за поддршка на регионалниот економски развој и конкурентност преку продлабочување на соработката помеѓу бизнис-секторот од прехранбената индустрија и академската институција.

4

Технолошко-техничкиот факултет го следи трендот за интернационализација на високото образование и континуирано ги користи можностите што ги нудат ERASMUS+ и CEEPUS програмите за мобилност на студентите и наставните кадри, кои ја промовираат меѓународната соработка помеѓу различни организации вклучени во високото образование во Европа. Факултетот е партнер во две CEEPUS мрежи, што ја олеснува можностa студентите и наставниот кадар да остварат соработка и престој на партнерските институции заради наставни и/или истражувачки цели во областите од интерес - наука за храна, нутриционизам и процесирање  храна.

5

Деканот, проф. д-р Татјана Калевска, истакнува дека новата академска 2021/2022 на Технолошко-техничкиот факултет ќе започне во реновирани училници, библиотека и лаборатории опремени со софистицирани инструменти за анализа на храната.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование