X
 01.07.2025 Живот

Во оваа земја казната за палење цигара на плажа изнесува 700 евра

Од следната недела пушењето цигари ќе биде забрането на јавните плажи и во парковите низ цела Франција, во зона од десет метри околу училиштата, библиотеките, базените и автобуските станици. Новите правила имаат цел да ги заштитат децата од пасивно пушење и, како што велат властите, претставуваат чекор кон генерација без тутун.

- Парк, плажа, училиште. Тоа се места за игра, учење и дишење, а не за пушење - порача министерката за здравство Катрин Вотрин.

Казни до 700 евра за оние што ќе ги прекршат правилата


Француското министерство за здравство соопшти дека забраната ќе почне да се применува веднаш, а прекршувањето на правилата може да резултира со казни до 700 евра, во зависност од околностите. Знаци што ќе означуваат забранети зони ќе бидат поставени во наредните денови.

Мерката стапи во сила непосредно пред школските одмори, за децата да можат да престојуваат на отворено во средина без чад од цигари.

Забраната не се однесува на терасите на баровите и на електронските цигари

Дури 62 отсто од Французите ја поддржуваат забраната за пушење во јавните простори, што претставува широка поддршка од јавноста. Но, многу активисти сметаат дека мерката не отишла доволно далеку.

Ив Мартине од Националниот комитет против пушење истакнува дека на терасите на кафулињата децата сè уште се изложени на чад, а електронските цигари не се опфатени со законот. Тој предупредува дека аромите од е-цигарите ги привлекуваат младите и ги водат кон зависност.

Поделени мислења кај угостителите


Угостителите, од друга страна, предупредуваат дека целосното отстранување на пушењето од терасите би ја нарушило социјалната интеракција и проблемот само би се поместил неколку метри подалеку. Терасите ги опишуваат како последното место на слобода и коегзистенција меѓу пушачите и непушачите.

Според податоците на агенцијата ОФДИТ, пушењето во Франција одзема околу 75.000 животи годишно, додека пасивното пушење предизвикува дополнителни 3.000 до 5.000 смртни случаи годишно. Трошокот за општеството се проценува на 156 милијарди евра годишно.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот