Бразилскиот врховен суд донесе одлука хомофобијата и трансфобијата да се третираат како кривични дела, а за таа одлука гласаа 6 од 11 судии.
Дискриминацијата на хомосексуалците и на трансродните лица е изедначена со кривичното дело расизам.
- Оваа одлука ќе ја заштити заедницата која постојано е мета на напади - тврдат бразилските ЛГБТ-активисти.
Во текот на 2019 година во Бразил се убиени 141 лице што ѝ припаѓаат на ЛГБТ-популацијата. Католичката црква и евангелистичкото движење се најголеми критичари на оние што се борат за права на ЛГБТ-популацијата.
Десничарскиот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, минатата година беше избран благодарение на гласовите на конзервативните гласачи, а и тој самиот се опишува како хомофоб.
- Кривичните дела мотивирани од хомофобијата се еднакво вознемирувачки како и физичкото насилство - истакна потпретседателот на Врховниот суд, Луиз Фукс.
Веќе 20 години разни групи за заштита на човековите права се обидуваа да се изборат хомофобијата да стане кривично дело во Бразил. Одлуката на судот во практика значи дека кривичните дела ќе бидат казнувани според одредбите на законот за расизам додека Конгресот не усвои нов, кој ќе се однесува на заштита на ЛГБТ-популацијата.
Останатите петмина судии за ова прашање ќе се изјаснат на седницата закажана за 5 јуни.
Бразил ја има најмногубројната католичка популација на светот. Истовремено, во текот на изминатите години се зголеми и бројот на образовани и либерални граѓани кои се борат за правата на ЛГБТ-населението.
Исто така, во 2013 година Бразил ги легализира истополовите бракови, додека ЛГБТ-паровите добија право да посвојуваат деца.
Минатата година во Бразил беа убиени 420 припадници на ЛГБТ-популацијата.
Некои групи за заштита на човековите права беа загрижени по изборот на Болсонаро за претседател бидејќи тој претходно во неколку наврати имаше мизогинистички и расистички коментари. Во едно интервју дури и рече дека би му било полесно синот да му биде мртов отколку хомосексуалец.
Минатиот месец претседателот беше мета на критики поради изјавите дека Бразил не би требало да стане рај за геј-
туризам.