X
 11.01.2019 Економија

Деветтата економија во светот ќе продава државни компании во обид да излезе од кризата

Администрацијата на новиот бразилски претседател Жаир Месијас Болсонаро има намера да приватизира или да затвори околу сто државни претпријатија, со што би го намалила државниот јавен долг на земјата.

- Освен приватизацијата, мораме да ја разгледаме и ликвидацијата на државните компании чие постоење веќе нема толку смисла - изјави бразилскиот министер за инфраструктура Тарцисио Гомес де Фреитас, образложувајќи ја потребата за намалување на државниот сектор во економијата за да се ослободат буџетски средства за други приоритети.

Најавите се во согласност со предизборната програма на Болсонаро, кој се смета за претставник на десниот политички спектар и заговорник за намалувањето на влијанието на државата над економското движење во една од најголемите економии во светот, која минува низ повеќегодишна криза.

Со инфлација од 2,9 отсто и недоволен раст од 1 отсто на БДП во 2017 година, уделот на јавниот долг во бруто-домашниот производ од 84 отсто се смета за најголем проблем на бразилската економија. Проблематична е и тенденцијата на раст на задолжувањето бидејќи уделот на долгот во БДП на Бразил во 2017 година се зголемил за 6 отсто во споредба со претходната година. 

Бразилската економија „потона“ во 2016 година кога БДП беше 3,5 отсто. Поради економската криза, во еден момент се доведе под знак прашалник и организацијата на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.

Во мнозинско или делумно сопствеништво на државата се некои од најголемите компании во Бразил, како нафтениот гигант „Петробрас“, производителот и дистрибутер на електрична енергија „Елетробрас“ и една од најголемите банки „Каса Економика федерал“. Оттука започнаа шпекулациите кои компании ќе се најдат на удар, а дел од бразилските медиуми шпекулираат дека нема да се продаваат системи како „Елетробрас“, туку нивните подружници.

Бразилските медиуми изнесуваат и податоци дека државата има сопствеништво во 418 компании. Програмата за приватизација на државниот сектор ја застапуваше и претходникот на Болсонаро, Мишел Темер.

Како една од причините за продажба на државните компании, според одредени медиуми, е раширената корупција во Бразил.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија