Aко дојде во војна, дали би се бореле и би ризикувале да умрете за вашата земја? Ова прашање беше поставено во истражувањето спроведено од агенцијата за истражување на јавното мислење „Галуп“, заедно со компанијата за истражување на пазарот „Ворлдвајд индепендент нетворк“ во 64 земји во светот.
Според глобалниот просек, 61 отсто од испитаниците изјавиле дека се подготвени да се борат за својата земја, додека 27 отсто рекле дека не се подготвени. Очекувано, многу поголем процент на мажи отколку жени глобално одговориле дека би се бореле (67 отсто), но интересно е дека и голем број жени одговориле потврдно (52 отсто).
Истражувањето утврдило значителни разлики меѓу земјите, односно меѓу глобалните региони. Најголем процент од оние што се подготвени да се борат за својата земја се нациите на Блискиот Исток и Северна Африка - дури 83 отсто. Најнизок е процентот во Западна Европа (25 отсто).
Во големото истражување биле испитани 62.398 луѓе низ светот, со примерок од околу 1.000 луѓе за секоја земја. Анкетирањето било спроведено меѓу септември и декември 2014 година.
Истражувањето откри и интересни разлики помеѓу земјите што неодамна биле во војна.
Јапонците, Германците, Италијанците и Австралијците повеќе не би војувале
Само 11 отсто од Јапонците би војувале. За потсетување, Јапонија била поразена во Втората светска војна, а на територијата на Јапонија досега биле извршени два напади со атомска бомба.
По Јапонците следуваат Холанѓаните со 15 отсто. Трети се Германците, кои исто така биле поразени во Втората светска војна. Потоа следува Белгија со 19 отсто, Италија со 20 отсто и Австрија со 21 отсто.
Најподготвени да се борат за својата земја се Мароканците и луѓето што живеат во Фиџи - 94 отсто. По нив следуваат Пакистанците со 89 отсто, Виетнамците со 89 отсто, Бангладешаните со 86 отсто, Азербејџанците со 85 отсто и жителите на Папуа Нова Гвинеја со 84 отсто.
Меѓу европските земји најголем број Финци би се бореле за својата земја - 74 отсто. Финска последен пат војувала на почетокот на Втората светска војна, кога СССР извршил инвазија врз оваа земја. По неа следува Турција со 73 отсто, а по неа е Украина со 61 отсто, која од 2014 до денес е во конфликт со руските сепаратисти што ја поддржуваат Русија. Русија е следна со 59 отсто.
Кога станува збор за балканските земји, најмногу луѓе што би се
бореле за својата земја има во Косово (58 отсто), па Босна и Херцеговина (55 отсто). На трето место е Србија со 46 отсто и последна е нашата земја со 38 отсто.
Значителни варијации постојат и помеѓу религиите. Муслиманите се најподготвени да војуваат - 78 отсто. Потоа се хиндуистите со 77 отсто, па будистите со 66 отсто, а потоа се атеистите и агностиците со 57 отсто. Меѓу христијаните највоено расположени се православните христијани (53 отсто), а католиците се веднаш зад нив (52 отсто), додека процентот на протестантите што би војувале за својата земја изнесува 48. Околу половина Евреи се подготвени да војуваат, односно 51 отсто.