X
 29.05.2023 Живот

Париз доби временска прогноза за загадување со пластика - денеска во градот ќе паднат околу 40 килограми

Дипломатите од 175 земји што денеска ќе се соберат во Париз за да преговараат за договор за забрана на загадувањето со пластика најверојатно ќе понесат чадори. Но не поради дождот.

Француската престолнина ќе биде опсипана со милијарди микропластични честички од небото за време на петдневните разговори, според првата временска прогноза за загадувањето со пластика.

Предвидениот „туш“ ќе изнесува од 40 до 48 килограми пластични честички што слободно лебдат и ќе го покриваат Париз на секои 24 часа. Ако времето донесе силен дожд, „пластичниот туш“ најверојатно ќе се зголеми.

- Ова би требало да им го привлече вниманието на преговарачите - вели Маркус Гувер од австралиската фондација „Миндеро“ која се занимава со истражување на пластиката.

Загриженоста за влијанието на пластиката врз животната средина и благосостојбата на човекот вртоглаво порасна во последниве години, заедно со сѐ поголем број истражувања кои ја документираат нејзината сеприсутност и постојаност.

Во природата, повеќенаменската микропластика чиј пречник е помал од пет милиметри е пронајдена во мразот во близина на Северниот Пол и кај рибите што пливаат во најдлабоките и најтемни делови на океанот.

Програмата за животна средина на Обединетите нации проценува дека пластичниот отпад убива повеќе од милион морски птици и 100.000 морски цицачи секоја година, а сините китови консумираат до 10 милиони парчиња микропластика секој ден.

Секоја минута во океанот се фрла еден камион пластично ѓубре. Микроскопски пластични честички се откриени во човечкото тело во крвта, мајчиното млеко и плацентата.

Тестовите на животни ги поврзаа хемикалиите во микропластиката со зголемен ризик од рак, репродуктивни проблеми и мутации на ДНК, но податоците за влијанието врз луѓето сè уште недостигаат.

Временската прогноза за Париз следната недела опфаќа само значително поголеми честички, главно синтетички влакна со должина од најмалку 50 микрони. За споредба, човечкото влакно е приближно 80 микрони (или 80.000 нанометри) во дијаметар.

Повеќето од пластичните честички што паѓаат на површината на Париз доаѓаат од најлон и полиестер, веројатно облека. Другите честички потекнуваат од гумите, кои се ослободуваат при кочење на возилото.

Се проценува дека до 10 тони микропластични влакна паѓаат во областа Париз во текот на годината.

Минатата година 175 земји се согласија да воспостават правно обврзувачки договор за борба против загадувањето со пластика, со цел да се завршат преговорите до 2024 година.

Според експертите и зелените организации кои се залагаат за директни ограничувања на производството на пластика, овие политики - дури и ако се целосно имплементирани - можеби не се доволни за намалување на производството на пластика.

Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), врз основа на актуелните трендови, годишното производство на пластика базирана на фосилни горива ќе се зголеми речиси тројно до 2060 година, на 1,2 милијарди тони, додека отпадот ќе надмине една милијарда тони.

Извор: Index.hr
Фото: Plastic forecast
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот