Можноста за претворање на сончевата енергија во струја од темел ги промени пазарите низ светот. Минатата година беа инсталирани сончеви колектори со капацитет од 90 гигавати, што е еквивалент на вкупниот енергетски капацитет на Турција. Но, научниците се уверени дека во годините што се пред нас сончевата енергија ќе стане уште поевтина и поефикасна во споредба со денес.
(
Фото: Pixabay)
Ќелиите на сончевите колектори засега се изработуваат од силициум, но револуцијата што се очекува треба да се бара во нови материјали. Минералите што најмногу ветуваат се кристалите перовскити, наречени според геологот Лав Перовски. Тие одлично апсорбираат светлина и првите истражувања упатуваат дека токму тие би можеле да го заменат силициумот.
Перовскитите сè уште не се користат во комерцијални цели. Кристалите лесно се растопуваат. Не ја поднесуваат добро влагата и мора да бидат заштитени зад стаклени ѕидови.
Иако научниците успеале да постигнат солиден успех со малите ќелии, не успеале истото да го реплицираат и кај големите. Перовскитот не е стабилен како силициумот, вели Мајкл Мекги, професор на „Станфорд“, за „
Фајненшел тајмс“.
„Тоа е главниот предизвик. И тоа просто е нов материјал, недоволно е истражен, нема изградени постројки, за тоа ќе треба извесно време“, вели тој.
Ниту една компанија сè уште не произведува соларни ќелии од перовскит иако „Оксфорд ПВ“ во Германија има пилот-постројка каде што се произведуваат такви панели.
„Многу е тешко да се победи силициумот затоа што целиот пазар е создаден околу него“, вели професорот Мекги, кој предлага своевиден хибрид – извесен слој на пероксид да се нанесе на „традиционалниот“ силициум.
Перовскитот, кој е полупроѕирен, фаќа одредени бранови должини од видливиот спектар на светлината, а она што ќе го пропушти ќе го фати силициумот. Тоа би бил еден од начините новиот материјал да се пробие на силициумскиот пазар.
„Ако се надградува на силициумот, всушност, подобрувате нешто што чини 30 милијарди долари годишно и на компаниите им нудите уште подобра опција“, потенцира Мекги.
Ако се надминат техничките проблеми и предизвици, перовскитот ќе биде материјал на иднината затоа што неговото производство е многу поевтино во споредба со силициумот. За да се направи слој од силициум, потребна е изразено висока температура, додека кај перовскитот тоа не е случај.