X
 29.06.2020 Живот

Удел на население постаро од 65 години по региони во Европа за 2019 година

„Евростат“ неодамна објави податоци за староста на населението во 2019 година по региони. Минатата година 20,3 отсто од населението во ЕУ имало повеќе од 65 години, што е раст на уделот од 0,3 процентни поени во споредба со 2018 година и раст за 2,9 процентни поени во споредба со 2009 година.


Фото: Eurostat

Македонија е под просекот на Европската Унија со 14,1 отстотен удел на лицата постари од 65 години. Податоците покажуваат дека од вкупно 2.077.132 жители, во нашата земја минатата година имало 108.010 лица на возраст меѓу 65 и 69 години, 76.843 лица на возраст меѓу 70 и 74 години и 107.068 лица постари од 75 години.


Фото: Makroekonomija

Во однос на регионот, нашата земја има ист процент на удел на лица постари од 65 години со Албанија, додека со поголеми проценти се Црна Гора (15,2), Словенија (19,8), Србија (20,4), Хрватска (20,6), Бугарија (21,3) и Грција (22,0).

Најголем удел на населението постаро од 65 години, според региони, има во Кемниц (28,9%) во Германија, Лигурија (28,5%) во Италија, Епир (27%) во Грција, Лимоузен (26,7%) во Франција и Саксонија-Анхалт (26.5%) во Германија. Првите три региони имаат поголем број лица постари од 75 години од оние на возраст од 65 до 74 години.

Кога ќе се направи рангирање на регионите според разликата во уделот на лица постари од 75 години минус збирниот удел на лицата на возраст од 65 до 74 години, Македонија се наоѓа на 25 место, иако, по Турција, има најмал удел на население постаро од 65 години, а тоа е така затоа што има голем пад во бројот на лица постари од 75 години во однос на населението на возраст од 65 до 74 години. Тоа во случајот на Македонија, како и Албанија и Турција, може да биде последица на наглиот раст на бројот на родени во периодот од 1945 до 1954 година, во однос на постарите од 1944 година, но тоа е случај во речиси сите региони и држави во Европа, а не само кај нас.


Фото: Makroekonomija

Автор: Мирослав Здравковиќ
Извор: Makroekonomija
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот