X
 01.11.2019 Здравје

Постарите лица се трујат со лекови

Постарите пациенти се трујат со лекови бидејќи многу малку се знае за тоа како различни лекови дејствуваат меѓусебно и кои се исправните дози за постарите луѓе, велат експертите.

Мунир Пирмохамед, професор по молекуларна и клиничка фармакологија на Универзитетот во Ливерпул, пред британскиот Одбор за наука и технологија истакна дека повеќето негови постари пациенти пијат по повеќе од 10, а често и повеќе од 20 лекови истовремено.

- Тие користат лекови во утврдените дози, но тие лекови се тестирани на помлада популација која нема повеќе болести. Значи, кога на постарите пациенти им препишуваме моментално лиценциран лек, ние често ги труеме поради пропишаните дози - истакна Пирмохамед.

Тој смета дека интеракциите на разните лекови може да резултираат со несакани ефекти кои се толку лоши, што постарите пациенти се принудени да престанат да ги земаат важните лекови. Со него се согласува лекарот Мајлс Витам од Универзитетот во Њукасл, кој верува дека постарите лица полошо се справуваат со несаканите ефекти за разлика од младите.

- Шест и пол отсто од сите пациенти што доаѓаат во болница се примени поради штетни реакции на лековите - истакна Пирмохамед.

Фото: Pixabay

Тој напомена и дека британската Национална здравствена служба ги пресметала трошоците за лекувањето на таквите реакции, кои изнесуваат околу 1,6 милијарда фунти.

- Ако го погледнете старосниот профил на оние кај кои има штетни реакции од лековите, ќе видите дека главно станува збор за постари лица што земаат повеќе лекови истовремено - додава тој.

Експертите препорачуваат клиничките испитувања да се спроведуваат и на постари лица, особено на оние што имаат повеќе здравствени проблеми. До неодамна повеќето испитувања се спроведуваа на лица помлади од 65 години, истакна Витам.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје