Во североисточна Шкотска се планира изградба на голем објект кој ќе го извлекува јаглерод диоксидот од воздухот, пренесува Би-би-си.
Објектот треба да извлекува до еден милион тони јаглерод диоксид годишно, што е еднакво на ефектот на вкупно 40 милиони дрвја. Гасот потоа би можел да се чува длабоко под морското дно во близина на брегот на Шкотска.
Станува збор за заеднички проект на британската фирма „Сторега“ и канадската компанија „Карбон инџиниринг“, а објектот допрва ќе се дизајнира. Според плановите, објектот треба да започне со работа до 2026 година и би бил најголем објект од овој вид во Европа, а можеби и во светот.
Според експертите, зголемувањето на глобалните температури треба да биде под 1,5 целзиусови степени до крајот на овој век доколку светот сака да одбегне катастрофални последици од глобалното загревање. Научниците сметаат дека светот треба да извлекува значајно количество јаглерод диоксид од атмосферата за да се постигне оваа цел, односно дека не се доволни мерките за намалување на загадувањето.
Компанијата „Карбон инџиниринг“ е еден од лидерите во светот во оваа област. Со својата фабрика во Канада, компанијата извлекува јаглерод диоксид од воздухот од 2005 година. Се извлекуваат околу еден тон јаглерод диоксид дневно.
Нивниот систем се состои од уред кој го вовлекува воздухот, кој потоа се меша со течна комбинација од состојки што се врзуваат за јаглерод диоксидот и потоа се претвораат во калциум карбонат, кој се разложува на висока температура. Крајната супстанца потоа се чисти и може да се складира под земја, да се продава за комерцијална употреба или да се претвори во гориво.
Извор:
BBC