X
 07.11.2019 Образование

Италија воведува часови за климатските промени во училиштата

Италија следната година ќе стане првата земја во светот што во училишната настава ќе воведе задолжително учење за климатските промени и одржливиот развој, изјави министерот за образование Лорензо Фиорамонти.

Партијата на Фиорамонти најгласно во владата ја поддржува зелената политика, а опозицијата во септември го критикуваше затоа што ги охрабри учениците наместо на настава, да земат учество во протестите за климатските промени.

Фиорамонти изјави дека од почетокот на наредната академска година сите државни училишта ќе посветат 33 часа годишно, речиси еден час неделно, на проблемите со климатските промени.

Многу традиционални предмети како географија, математика и физика исто така ќе ги учат учениците од перспектива на одржлив развој, рече министерот.

- Се смени целото министерство за одржливиот развој и климатските промени да станат централен дел од образовниот модел. Сакам италијанскиот образовен систем да стане првиот образовен систем што ќе ги стави природната средина и општеството во центарот на сè што се учи на училиште - истакна тој.

minister
Фото: Reuters


Фиорамонти, автор на неколку книги во кои тврди дека БДП повеќе не треба да биде главна мерка за државниот економски успех, беше мета на опозицијата откако стана министер.

Неговите предлози за нови даноци на авиобилетите, пластиката и храната со шеќер за да се соберат средства за образование беа силно нападнати од критичарите, кои велат дека Италијанците веќе се премногу оптоварени со даноците.

Потоа тој предизвика бес кај конзервативците кога предложи крстовите да бидат отстранети од италијанските училници за да се создаде поинклузивна средина за нехристијаните.

И покрај критиките, буџетот на владата за 2020 година претставен во парламентот оваа недела вклучува и данок на пластика и нов данок за пијалаците со шеќер.

- Сите ме исмејуваа и се однесуваа со мене како да сум селскиот идиот, а сега, неколку месеци подоцна, владата користи два од овие предлози и се чини дека сè повеќе и повеќе луѓе се убедени дека ова е вистинскиот начин - рече тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование