Количината на ледот што само во вторникот се стопи на Гренланд би била доволна целата американска сојузна држава Флорида да биде покриена со 5 сантиметри вода, пренесува Си-ен-ен.
Станува збор за трет случај на екстремно топење во изминатата деценија.
Гренланд во вторникот загуби повеќе од 8,5 милијарди тони површинска маса, а од неделата 18,4 милијарди тони, извести Данскиот метеоролошки институт. Иако вкупната загуба на лед од оваа недела не е екстремна како онаа од 2019 година, површината на ледената покривка која се топи е поголема.
- Станува збор за значително топење. На 27 јули поголемиот дел од источната половина на Гренланд, од северниот, па до јужниот врв, главно се стопи, што е невообичаено - истакна Тед Скамбос, научник од Универзитетот во Колорадо.
Како што климатските промени ја загреваат планетата, губењето на ледот се интензивира. Според неодамнешна студија, Земјата од средината на 90-тите години изгубила 28 билиони тони лед, а голем дел се од Арктикот, вклучувајќи ја и ледената површина на Гренланд.
- Во текот на изминатата деценија видовме дека топењето на ледот на Гренланд станува сè посериозно. Како што атмосферата над Гренланд продолжува да се загрева, екстремните топења како ова ќе стануваат сè почести - истакна Томас Слатер, глациолог од Универзитетот во Лидс и коавтор на извештајот за топењето на ледот на Гренланд.
Иако ова топење на ледот според количината не е рекордно, магнитудата на овие случувања е јасен сигнал дека климатските промени ќе предизвикуваат значително повеќе вакви настани.
На Гренланд во 2019 година се стопија околу 532 милијарди тони лед. Таа година неочекувано топлата пролет и јулскиот топлотен бран предизвикаа речиси целата површина на ледената покривка да почне да се топи. Глобалното ниво на морето трајно се зголеми за 1,5 милиметар.
Со оглед на тоа дека Гренланд и понатаму се топи, Слатер истакна дека крајбрежните градови низ светот се чувствителни на поплави, особено кога екстремните временски услови ќе се совпаднат со одливот. Тој додаде дека се очекува топењето на ледот на Гренланд до крајот на векот да го крене глобалното ниво на морето меѓу 2 и 10 сантиметри.
Извор:
CNN
Фото: Unsplash