X
 29.06.2024 Наука

Научници ставаат радиоактивен материјал во роговите на носорозите за да спречат ловокрадство

Јужноафриканските научници вшприцувале радиоактивен материјал во роговите на носорозите за полесно да се откријат на граничните пунктови, со цел да се спречи ловокрадството.

Земјата е дом на голем број од светските носорози и затоа е жариште на ловокрадство, поттикнато од побарувачката од Азија, каде што роговите се користат во традиционалната медицина поради нивниот наводен терапевтски ефект.

Во резерватот за носорози „Лимпопо“ во областа Вотерберг, на североистокот на земјата, неколку тревопасни животни со дебела кожа паселе во ниската савана. Џејмс Ларкин, директор на единицата за радијација и здравствена физика на Универзитетот во Витвотерсранд, кој ја предводел иницијативата, изјавил дека ставил два мали радиоактивни чипови во рогот на едно од големите животни.

- Радиоактивниот материјал ќе го направи рогот отровен за човечка исхрана - додал Нитаја Чети, професор и декан на истиот универзитет.

- Носорогот, заспан и свиткан на земја, не почувствува никаква болка. Дозата на радиоактивниот материјал беше толку мала што нема да влијае врз здравјето на животното или на животната средина на кој било начин - изјавил Ларкин.

Во февруари Министерството за животна средина соопштило дека и покрај напорите на владата да се справи со недозволената трговија, 499 од џиновските цицачи биле убиени во 2023 година, главно во државните паркови. Ова претставува зголемување од 11 проценти во споредба со 2022 година.

- Вкупно 20 живи носорози ќе бидат дел од пилот-проектот „Ризостоп“, со кој ќе им се администрира доза доволно силна за да ги активира детекторите што се инсталирани на глобално ниво, на меѓународните гранични пунктови, првично инсталирани за да се спречи нуклеарен тероризам - истакнал Ларкин.

Граничните агенти често имаат рачни детектори за радијација кои можат да откријат шверцување, како и илјадници детектори за радијација инсталирани на пристаништата и аеродромите.

Роговите на носорогот се многу барани на црните пазари, каде што цената е конкурентна на златото и кокаинот. Според Ари Ван Девентер, основач на резерватот за носорози, труењето на роговите не успеало да ги одврати ловокрадците.

- Можеби ова е она што ќе го сопре ловокрадството. Ова е најдобрата идеја што некогаш сум ја слушнал - заклучил тој.

Тимот ќе земе дополнителни примероци од крв за да се осигури дека носорозите се заштитени.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука