Автомобилите со години незапирливо растат. Компактните модели денес имаат димензии на некогашната средна класа, уште поголемите СУВ-возила станаа семеен стандард, а автомобилите се сè пошироки, повисоки и помасивни. Новата анализа на организациите „Транспорт енд енвајронмент“ и „Клин ситис“ го нарекува овој тренд „карспрединг“, односно ширење на автомобилите и предупредува дека последиците не се само естетски или практични.
Според извештајот, новите автомобили во Европа стануваат просечно 1,2 cm подолги секоја година. Висината им расте околу 0,5 cm годишно, а претходните анализи покажаа сличен раст на ширината и висината на предниот дел. Ова се случува во период во кој семејствата не се зголемуваат, а просечната пополнетост на автомобилите не расте. Со други зборови, автомобилите стануваат поголеми иако потребите на корисниците не се поголеми.
Највидливиот проблем е недостигот на простор. Ако трендот продолжи до 2040 година, европските градови би можеле да изгубат меѓу 8,5 и 14 проценти од уличните паркинг-места. Причината е едноставна: подолгите и пошироки автомобили заземаат повеќе место, потешко се паркираат и оставаат помалку простор за други возила. Во големите градови како Лондон и Берлин тоа би можело да значи губење на десетици илјади паркинг-места.
Друг проблем е безбедноста. Повисокиот преден дел на автомобилот е поопасен за пешаците и за велосипедистите, особено за децата. При судир со понизок автомобил, пешакот почесто завршува на капакот на моторот. Кај високите СУВ-возила, ударот кај децата доаѓа во градите или во главата, што го зголемува ризикот од смртен исход. Т&Е проценува дека продолжувањето на сегашниот тренд до 2040 година би можело да значи околу 400 дополнителни смртни случаи на ранливите учесници во сообраќајот годишно.
Третиот проблем е енергијата. Поголемите автомобили по правило се потешки и трошат повеќе, без оглед на тоа дали имаат бензински, дизел или електричен погон. Кај електричните автомобили тоа значи поголеми батерии, поголема потрошувачка на струја и поголем притисок врз електроенергетската мрежа. Според пресметките од извештајот, продолжувањето на растот на димензиите би можело до 2040 година да бара дополнителни 22,5 TWh електрична енергија годишно во споредба со помалите возила.
Затоа истражувачите предлагаат конкретни мерки: ограничување на висината на предниот капак на 85 cm, ширината на автомобилот на 192 cm, даноци поврзани со димензиите на возилото, поскапо паркирање за поголемите автомобили и поттикнување за избор на помалите електрични модели. Идејата е да се запре трендот во кој секоја нова генерација станува уште поголема.
Прашање е колку политиката ќе има храброст да чепне во сегментот што купувачите го сакаат, а на производителите им носи висока заработка. СУВ-возилата станаа симбол на комфор, безбедност и статус.
Но, цената на нивната популарност сè повеќе ја плаќаат градовите, пешаците, велосипедистите и животната средина. Ако автомобилите продолжат да растат, нешто, без сомнение, ќе мора да се преземе.
Фото: magnific