X
 29.07.2019 Наука

Некои испити го менуваат однесувањето на студентите?

Според новото истражување, спроведено од Ерик Швицгебел, Бредфорд Кокелет и Питер Сингер, испитите по филозофија може да го променат однесувањето на студентите.

Истражувањето било спроведено на 1.143 студенти од универзитетот Риверсајд. Студентите биле поделени во две групи од кои едната дискутирала за моралноста во јадењето место, додека другата обработувала тема за хуманитарните дела. По дискусијата на дадената тема, првата група имала став дека е неморално да се јаде месо од животни од инудстриските фарми. Исто така, се покажало дека почнале да консумираат помалку месо.

Истражувањето било наречено „Часовите по етика може да влијаат врз однесувањето на студентите“.

Еден од авторите, Кокелет, на почетокот бил скептичен во врска со резултатот - мислел дека нема да дојде до голема промена меѓу студентите. Неговиот став се темелел на дотогашното искуство што го имал во предавањето и претходно спроведените истражувања од познати автори.

Тој претпоставил дека неколку студенти веројатно ќе престанат да јадат месо, но дека работата ќе застане на тоа. Како што вели, не станале сите вегетаријанци, но голем број на студентите почнале да јадат помалку месо, и почнале да размислуваат за оваа тема.

Како што истакнуваат авторите на ова истражување, не постојат релевантни истражувања што ја испитуваат ефективноста на универзитетските предмети и нивното влијание на однесувањето на студентите што ги слушаат предавањата. Затоа со нивното истражување се обиделе да дојдат до еден таков труд. Како што се чини, во тоа и успеале.

Освен што дошло до промена на однесувањето по дискусијата на дадена тема, ова однесување опстанало во период од два месеци, кога било следено и која храна студентите ја консумираат. Кокелет изјавил дека бил позитивно изненаден од овие резултати, особено затоа што студентите прво го промениле своето мислење за дадена тема, а потоа го модифицирале нивното однесување во согласност со темата.

Како што претходно е споменето, во истражувањето учествувале 1.143 студенти, поделени во две групи. На првата група ѝ била дадена задача, да прочитаат текст од Џејмс Рејчел, кој ја брани идејата за вегетаријанство. Потоа студентите дискутирале за текстот, а и погледнале видео на оваа тема. Другата група дискутирала за донирањето во хуманитарни цели.

Потоа, во истата недела, сите студенти добиле прашалник. Најважните тврдења, со кои се тестирало дали дошло до значајни промени биле, „Јадењето на месо од индустриски одгледаните животни е неморално“ и студентите можеле да оценат колку се согласувале со наведеното тврдење. Во првата група 43 отсто од студентите се согласиле со ова тврдење, додека во контролната група, процентот бил помал 29 отсто.

Исто така, за потребите на истражувањето било следено колку месо консумираат студентите од двете групи. Во втората, контролна група, 53 отсто од купената храна била месо и пред и после дискусијата. Но, првата група покажала напредок. 56 отсто од купената храна била месо пред средбата со текстот и дискусијата, а после тоа, процентот паднал на 45.

Иако резултатите од истражувањето се позитивни, Кокелет заклучува дека тоа не значи дека со аргументацијата секогаш може да се влијае на туѓото однесување, особено кога станува збор за тема што често предизвикува конфликт.

- Дури и ако луѓето го променат мислењето, нема секогаш да го променат она што го прават - изјави тој.

Но, истакнува дека постојат некои теми што може да ги променат мислењата на другите, а потоа и нивното однесување. За таквите промени важна е изложеноста на луѓето на аргументи. Освен тоа, потребно е и да се охрабри личноста да го промени начинот на кој пристапува до одредена тема.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука