X
 29.07.2021 Живот

На 96 години се пензионира најстарата медицинска сестра во светот

Флоренс Ригни, најстарата медицинска сестра во светот, се грижела за пациентите и им помагала на лекарите повеќе од седум децении. Таа сега се пензионирала од работата во болницата „Мултикер Такома“, САД, на 96-годишна возраст, по 75 години работа.

Флоренс била медицинска сестра во операциона сала, а била одговорна за поставување на салата според упатствата на хирурзите, како и за подготовка на пациентите за операција. Таа завршила школа за нега во Такома, Вашингтон, во 1943 г., а кариерата ја започнала кога пеницилинот штотуку почнувал да се употребува.

Таа работела посветено дури и во нејзините 90-ти години, а колегите се шегувале дека морале да трчаат за да ја стигнат.


Ова не е првпат Флоренс да се пензионира. Таа го сторила тоа кога имала 65 г., но издржала само 6 месеци и повторно се вратила како хонорарен соработник.

- Не сакам да седам, секогаш морам нешто да работам. Таква ми е природата - изјавила таа.

Болницата во која работела отворила фонд на нејзино име со кој ќе се стипендираат идните медицински сестри. Флоренс има две деца и се радува што ќе поминува повеќе време со семејството и пријателите.

Извор: DDL
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот