X
 17.10.2022 Живот

Тивката хероина од Аушвиц: Правела нешто ужасно, но затвореничките и денес го слават нејзиното име

Најгрозоморните злосторства против невините се случиле токму во нацистичките логори, каде што масовните смртни случаи во крематориумите и гасните комори биле всушност спас за некои затвореници од судбината полоша од смртта. Сепак, ова страшно место создало некои од најголемите „тивки херои“ од Втората светска војна.

Дури и голем дел од оние што добро ја познаваат историјата не знаат дека медицинска сестра со еврејско потекло работела во Аушвиц како асистент на еден од најголемите монструми, д-р Менгеле. Токму оваа жена дала сѐ од себе за да ги спаси затворениците и да го намали бројот на жртви на Менгеле.

Доктор Менгеле работел со Жизел Перл, медицинска сестра која, поради нејзините дела, била наречена „ангелот на Аушвиц“.

zizela
Фото: Wikipedia

„Ангелот на Аушвиц“


Жизел Перл била дел од Евреите што биле депортирани во Аушвиц на почетокот на Втората светска војна. Во масата гладни и болни затвореници кои морале да извршуваат тешка физичка работа секој ден за Третиот Рајх, Жизел спонтано го покажала своето практично и теоретско знаење од медицината, поради што нацистите одлучиле да работи со д-р Менгеле во лабораторијата каде што тој извршувал грозоморни експерименти врз близнаци, луѓе со посебни потреби, луѓе со мал раст, луѓе со различна боја на кожата итн.

zizel
Жизел како млада студентка по медицина/Фото:Giora Giora Itzhak Yardeni

Веројатно најгрозоморниот чин на нацистичката влада во логорите било масовното убивање бремени Еврејки. Неколкуте бебиња што доаѓале живи во Аушвиц завршувале во страшната лабораторија на докторот.

Кога Менгеле еднаш ја измамил Жизел и ѝ рекол да провери кои жени од кампот биле бремени за да можат да добијат „подобар“ третман, за подоцна да ги убие, оваа медицинска сестра почнала да ја прикрива бременоста на жените и тајно, навечер, да им извршува абортус.

Нејзината пресметка била јасна: да спаси што е можно повеќе жени со надеж дека еден ден ќе излезат од логорот и во новиот живот ќе имаат семејство.

2
Фото: Yale Garber

Тивок херој

По нејзиното ослободување, Жизел Перл дознала дека нејзиниот сопруг и син биле убиени од нацистите непосредно пред Сојузниците да влезат во Германија. Нејзината ќерка се водела како исчезната. Очајна, Жизел се обидела да се самоубие, но преживеала. Таа била испратена во манастир во Франција да закрепне, по што се преселила во Америка каде што добила државјанство. Успеала да ја најде својата ќерка, која ја преживеала војната криејќи се.

Во Њујорк се вработила како гинеколог во болницата „Маунт Синаи“ и експерт за третман на неплодност. Но, бидејќи наишла на отпор од американската јавност затоа што извршувала абортуси, на крајот со ќерка ѝ се преселила во Израел, каде што продолжила да се занимава со медицина.

zizel
Жизел (лево долу) била единствената жена што работела во болницата „Маунт Синаи“ во 1966 година
Фото: Mt Sinai Archives

Напишала неколку трудови за репродуктивното здравје на жените, како и книгата „Бев докторка во Аушвиц“ во која ги опишува ужасите на кои била сведок за време на нејзиниот престој во логорот.

Извор: b92.net
Фото: Giora Giora Itzhak Yardeni
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот