X
 29.08.2017 Наука

Сакате да го забавите стареењето? Танцувајте!

Како што старееме, се соочуваме со пад во менталната и физичката кондиција, што може да се влоши со болести како Алцхајмеровата.

Едно ново истражување покажува дека постарите луѓе што рутински учествуваат во физички вежби може да ги намалат знаците на стареење во мозокот, а танцот има најдлабок ефект.

„Вежбањето има корисен ефект на забавување, па дури и спротивставување на стареењето и падот на менталниот и физичкиот капацитет. Во ова истражување покажуваме дека два различни вида физички вежби (танцување и тренинг за издржливост) ја зголемуваат површината на мозокот што опаѓа со стареењето. За споредба, само танцувањето доведе до забележителни промени во однесувањето во однос на подобрената рамнотежа“, вели д-р Катрин Рефелд, главен автор на истражувањето, која работи во германскиот центар за невродегенеративни заболувања.

Постарите волонтери, со просечна возраст од 68 години, биле регрутирани во истражувањето. Тие учествувале во 18-неделен курс за учење танцувачки рутини или обука за издржливост и флексибилност. Двете групи покажале зголемување на хипокампусот во мозокот. Ова е важно бидејќи оваа област може да биде склона кон опаѓање со стареењето и е под влијание на болести како Алцхајмеровата. Таа исто така игра клучна улога во меморијата и учењето и одржувањето рамнотежа.

Додека претходните истражувања покажале дека физичките вежби можат да се борат против падот на мозокот поврзан со стареењето, не е познато дали едниот вид вежбање може да биде подобро од другите. За да го проценат ова, научниците им дале различни вежби на волонтерите. Традиционалната програма за фитнес-тренинг спроведувала главно повторувачки вежби, како возење велосипед или нордиско пешачење, но групите што вежбале танци секоја недела се соочувале со нешто ново.

„Се обидовме на нашите постари волонтери во танцовата група постојано да им ги менуваме рутините на танцување и да им овозможуваме различни жанрови (џез, квадрат, латино-американски танци). Чекорите, формациите, брзината и ритамот се менуваа секоја втора недела за да го задржат нивниот постојан процес на учење. Најпредизвикувачки аспект за нив беше да се потсетат на рутините под притисок на времето и без никакви знаци од инструкторот“, објаснува д-р Рефелд.

Овие дополнителни предизвици се одговорни за забележливата разлика во рамнотежата прикажана од страна на оние учесници што биле во танцовата група.

„Сега ние го оценуваме новиот систем наречен ’Џимин‘. Овој систем е базиран на сензор што генерира звуци (мелодии, ритам) врз основа на физичката активност. Знаеме дека пациентите со деменција реагираат силно кога слушаат музика“, додава таа.

„Верувам дека секој би сакал да живее независен и здрав живот колку што е можно подолго. Физичката активност е еден од факторите за добар животен стил, спротивставувајќи неколку фактори на ризик и забавувања со стареењето. Танцувањето е моќна алатка за поставување нови предизвици за телото и умот, посебно кај повозрасните“, завршува таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука