X
 26.10.2022 Наука

Црната чума ја обликуваше човечката еволуција, а ние и понатаму сме во нејзина сенка

Анализата на ДНК извлечена од средновековните жртви и оние што ја преживеале црната смрт покажува дека чумата што пустошела низ Европа во 14 век продолжува да влијае врз нашата биологија до ден-денес.

Не само затоа што одговорниот патоген е сè уште активен, туку и затоа што смртоносната, широко распространета пандемија предизвикала адаптации во нашиот имунолошки систем кои продолжиле да се развиваат стотици години.

Промените не се нужно за наша долгорочна корист. Иако се чини дека вклучените гени ѝ дале зголемена отпорност на чумата, научниците откриле дека истите тие гени денес може да се поврзани со зголемена подложност на автоимуни состојби, како што се Кронова болест и ревматоиден артритис.

Тоа е откритие што сугерира дека пандемиите може да имаат неочекувани, а понекогаш и штетни, долгорочни ефекти кои подоцна се пренесуваат низ генерациите.

Со својот врв во средината на 14 век, „црната смрт“ се смета за еден од најразорните настани во човечката историја, одземајќи десетици до стотици милиони животи низ Европа, Азија и Африка. Таа била предизвикана од бактеријата „Yersinia pestis“ и се пренесувала на луѓето преку болви и доведувала до болест која можела да биде фатална за помалку од еден ден.

Ваквите влијателни заразни болести претставуваат еден од најсилните притисоци за природната селекција, особено за луѓето. Земете ја, на пример, српестата анемија, генетско нарушување кое исто така обезбедува одреден степен на отпорност против посмртоносната маларија. Бидејќи некој со српеста анемија е поверојатно да преживее маларија, таа личност ќе има можност да има деца кои исто така ќе имаат српеста анемија. Со текот на времето, инциденцата на српеста анемија се зголемува кај популациите кои живеат во региони склони кон маларија.

Меѓународен тим на научници предводен од генетичарите Џенифер Клунк од Универзитетот „Мекмастер“ во Канада и Таурас Вилгалис од Универзитетот во Чикаго сакаа да видат дали можат да утврдат како „црната чума“ го променила човечкиот геном.

- Кога ќе се појави пандемија од ваква природа - убивајќи 30 до 50 отсто од популацијата, сигурно ќе има избор за заштитни алели кај луѓето, што значи дека луѓето подложни на циркулирачкиот патоген ќе потклекнат - објаснува еволутивниот генетичар Хендрик Поинар од Универзитетот „Мекмастер“.

Бидејќи црната чума била толку распространета и мртвите биле закопувани во масовни гробници, постојат многу коски за проучување. Научниците се фокусирале на 100-годишна временска рамка пред, за време и по црната чума. Тие добиле над 500 примероци од поединци кои умреле во Лондон и во Данска, што претставува три групи: оние што умреле пред чумата (извлечени од масовна гробница во Лондон), оние што умреле за време на чумата и оние што преживеале и умреле некое време подоцна.

Со споредување на геномите на овие поединци, истражувачите успеале да идентификуваат четири гени поврзани со црната смрт. Тие гени произведуваат протеини кои помагаат во заштитата на нашите тела од инвазија на патогени, а поединците со една или повеќе од овие варијанти на гени се чинело дека имаат поголема веројатност да ја преживеат чумата.

За да го потврдат ова, истражувачите создале култури на човечки клетки кои претставувале различни генетски профили. Нив ги инфицирале со „Yersinia pestis“. Резултатите покажале дека гените што биле идентификувани претходно во истражувањето повторно се појавиле во културите најотопорни на бактеријата.

Околу 40 до 50 отсто поголеми шанси за преживување на чумата имале поединците со две идентични копии на генот наречен „ERAP2“ отколку оние со спротивни копии.

Како што минувале вековите, чумата станувала сѐ помалку разорна, а човештвото продолжило понатаму. Но, некои од генските варијанти идентификувани од истражувачите денес се поврзани со зголемена подложност на автоимуни болести. Бидејќи чумата би била поголемиот еволутивен притисок уште во 14 век - како маларијата и српеста анемија - овој резултат веројатно бил неизбежен.

Според истражувачите, ова обезбедува емпириски докази за поврзаноста помеѓу автоимуниот ризик и адаптацијата на заразна болест која се проширила пред неколку века.

- Разбирањето на динамиката што го обликувала човечкиот имунолошки систем е клучно за да се разбере како минатите пандемии, како чумата, придонесуваат за нашата подложност на болести во модерното време - вели Поинар.

Извор: Science Alert
Фото: Klunk et al., Nature, 2022/MOLA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука