X
 29.08.2018 Наука

Како идеологијата ја уназадила науката во СССР

Во сталинистичкиот СССР од триесеттите години на 20 век била установена практика конечната одлука за исправноста на некоја научна теорија што би можела да има последици врз општеството да може да ја носи Централниот комитет на Комунистичката партија. Се разбира, научните публикации морале да поминат процена на идеолошката подобност од ова највисоко политичко тело во државата.

По колективизацијата на обработливите површини земјоделството во СССР почнало да слабее, а стравот на Сталин дека гладот може да предизвика сомнеж во квалитетот на економскиот систем бил оправдан. Помеѓу усвитените комунистички демагози се нашол и Трофим Денисович Лисенко, кој предложил брзо решение за подобрување на приносот на жито тврдејќи дека треба да се „ликвидира конзервативизмот на наследството“. Во тоа време младата научна дисциплина, генетиката, била претставена како буржоаска творба, „идеолошки застранет правец“ доведен од странство. Набрзо од библиотеките била елиминирана литературата за генетиката и клеточната биологија, а научниците што не се вклопувале во „лисенкоизмот“ завршиле на гулаг.

Трофим Денисович Лисенко ја добил поддршката од Сталин за својата работа и за истражувањата што би покажале дека стекнатите особини можат да се наследат. Оние што не сакале да учествуваат во тоа ги завршувале своите кариери – или на гулаг или пред сталинистичкиот вод. Дури во 1962 година тројца советски научници, Зељдович, Гинзбург и Капица, добиле шанса јавно да се спротивстават на работата на Лисенко. Дотогаш Лисенко бил „херој на социјалистичкиот труд, осумпати носител на орденот ’Ленин‘ и трипати на наградата ’Сталин‘, со соодветни привилегии“.

Лисенко за својата селекција им се обратил на научниците со следниве зборови: „За да добиете одреден резултат, морате да посакувате да го добиете тој резултат; ако сакате да добиете одреден резултат – и ќе го добиете. Мене ми се потребни само такви луѓе, кои ќе го добијат тоа што ми е потребно“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука