29.08.2024
Живот
Вознемирувачка иднина (прв дел)
Денес живееме во свет кој се наоѓа во сложена турбулентна состојба, со многу предизвици, но и распад на вредносниот систем во многу сфери на општеството, со потенцијални катастрофи што предизвикуваат вознемиреност кај луѓето. Кои се причините за ваквата состојба и кои се тие потенцијални опасности што можат да предизвикаат разни катастрофи во блиска или далечна иднина на човештвото?
Денес, речиси во цел свет има капиталистичко уредување кое се заснова на следниве главни карактеристики: пазарна економија, приватна сопственост, слободно претприемништво, конкуренција, економски раст, профит, слободен пазар на стоки и услуги (вклучувајќи го и пазарот на трудот). Се споменуваат неколку развојни фази на капитализмот: почетен (некои го викаат примитивен), либерален и неолиберален. Притоа се јавуваат промени во демократијата, владеењето на правото, поттикнување на економскиот раст и иновациите, економска либерализација, слободна трговија, глобализација и др. Генерално некои ова го нарекуваат либерална демократија. Кина и некои други земји во развој имаат т.н. политички капитализам, со релативно висока стапка на економски раст. Кај нив постои државна сопственост, но над 80% од фирмите се во приватна сопственост и тој процент постепено се зголемува.
Капитализмот како економски и општествен систем овозможува напредок во многу области, особено има напредок во технолошкиот развој, така што стандардот на живеењето постојано се зголемува, со извесни исклучоци. Но со текот на времето се јавуваат и слабости на овој систем, како што се финансиски кризи, енергетски кризи, големи социјални раслојувања поради нееднаква распределба на добивките и др. Според мене, најголемата „грешка“ на капитализмот е создавањето на климатските промени, чиј интензитет постојано се зголемува и ќе траат со векови, а понатаму во текстот ќе има посебен осврт на оваа тема.
Во 2008 година имаше економска криза речиси во целиот свет и факт е дека капиталистичкото уредување е раздрмано со некои последици што се чувствуваат и денес. Дали е тоа вообичаена циклична криза или криза на некоја развојна фаза (на неолиберализмот)? Во исто време има протести против капитализмот кои стануваат глобално секојдневие, дури и во најразвиените земји. Дали капитализмот се соочува со почетокот на својот крај? Ако е така, дали тоа соочување ќе трае дваесет или двесте години?
Но неизбежна реалност е дека капитализмот е тука и не се знае дали ќе исчезне бидејќи во моментот на повидок нема конкурентна алтернатива. Можеби ќе се појави некоја нова развојна фаза на капитализмот поприфатлива за поширокиот дел на населението со помали класни разлики, и каде што заштитата на животната средина ќе биде на прво место пред сите други активности во државите, особено оние од индустријата. Но тоа не може да дојде само од себе, потребна е борба за коренити промени бидејќи сегашните т.н. демократските системи во западните (развиените) земји не се толку заинтересирани за такви промени. Тие нема лесно да се откажат од стекнатите позиции и бенефитите што произлегуваат од нив.
Но, да ги наведам причините што според моето мислење предизвикуваат вознемирувачка иднина. Тоа се:
- Воени конфликти,
- Климатски промени,
- Борба за стратешки суровини...
- Вечни хемикалии PFAS (Perfluoroalkyl and Polyfluoroalkyl Substances),
- Вештачка интелигенција (ВИ),
- Други можни опасности што придонесуваат за вознемирувачка иднина.
Воени конфликти
Првпат во историјата по основањето на Организацијата на Обединетите нации (ООН) беше прекршено правилото за преземање воена интервенција без одлука на Советот за безбедност (тело на ООН). Тоа го направи НАТО со напад на Југославија во 1999 година. Тоа е непроценлива штета за одржување на меѓународниот мир. Потоа следуваа воени интервенции на НАТО во Ирак, Сирија и Либија во кои и денес се водат повремени вооружени борби.
Денес во светот има големи геополитички тензии речиси на сите континенти. Моментално актуелни се воените конфликти: Украина-Русија и Израел-Палестина. Во Сирија и Либија има внатрешни воени судири со мешање однадвор. Јавно се објавуваат информации од многу земји за нарачки и набавки на ново оружје и воена техника (воени авиони, дронови, ракети со долг дострел и др.), а набавките на оружје што не се јавно објавени се сигурно неколку пати поголеми. Ова е процут на воената индустрија, се работи за огромни суми на пари, односно профити. Од ова може да се заклучи кому му одговараат ваквите состојби. Тие се оние што произведуваат и продаваат оружје и воена опрема, а се знае кои земји и компании се главните носители на тој бизнис.
По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, САД ја имаа доминантната улога во светот. Но во меѓувреме дојде до консолидација на Русија, се случи брз подем на Кина, а слично и во Индија. Униполарниот свет во кој САД се главната воена и политичка сила заврши, но некако не сакаат да се помират со тој факт иако пред нас е нова мултиполарна доба. Според познатиот американски економски и политички аналитичар Џефри Сакс, глобалната геополитичка криза денес е најлоша во периодот од крајот на Втората светска војна наваму. Според многу аналитичари, постои опасност од трета светска војна, а некои велат дека таа е на прагот.
По неколку дена следува продолжение на овој напис.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје