X
 17.02.2021 Живот

Кои се предвидувањата на експертите за оваа деценија?

Секоја година предвидувачите на трендови низ светот пишуваат текстови во кои се обидуваат да предвидат што ќе донесе иднината. Ова се професионалци што работат на места како консултантската фирма „Мексинзи“. Што предвидуваат овие лица за оваа деценија?

Емили Сегал од „Гардијан“ направила избор од најголемите трендови што нè очекуваат во следните 5-10 години според предвидувачите.

За почеток се чини дека тие се согласуваат дека работата од канцеларија никогаш нема да се врати како пред пандемијата, а сè повеќе луѓе ќе работат од дома и со тоа најталентираните нема да мора да се селат во урбаните центри за добро работно место. Со тоа ќе им се стави крај на групните канцеларии, а за луѓето ќе има повеќе алатки со кои ќе може да се чувствуваат како во канцеларија во својот дом.

Во однос на храната, покрај податоците за хранливите вредности, на пакувањето може да се додадат и податоци за трошоците за намалување на загадувањето, што треба да ги оправда повисоките цени на некои производи што ќе бидат еколошки произведени. Сè повеќе луѓе стануваат вегетаријанци и готват дома, па затоа се очекува да расте и популарноста на печурките, а луѓето сè повеќе ќе сакаат лута и зачинета храна.


Фото: Pixabay

Се очекува масовно користење на услуги за биометриско безготовинско плаќање, а низ светот ќе се воведува и услугата за онлајн-пазарење во живо. Оваа услуга веќе се нуди во Кина и предвидува промоција на производи за време на онлајн-настан во живо, а гледачите може веднаш да ги купат производите.

Климатските промени ќе принудат многумина да го сменат местото на живеење, а истовремено големите градови ќе бараат начин за засадување повеќе растенија со кои ќе компензираат за растечките емисии на јаглероден диоксид.

Кога станува збор за образованието, луѓето ќе се оддалечуваат од традиционалното факултетско образование поради големите трошоци, а онлајн-образованието за време на пандемијата ќе воведе нови трендови како учење од дома.

Лесните дроги ќе станат „мејнстрим“ во следните години, а ќе се нудат сè повеќе услуги за бегање од реалноста, како искуства слични на видеоигрите. Луѓето ќе ги отфрлаат големите технолошки компании поради лошите вести за нивното користење на приватните податоци и ќе плаќаат за користење технолошки услуги наместо да им дозволуваат на компаниите да ги користат нивните податоци.


Фото: Pixabay

Блокчејн-технологијата ќе стане дел од државните финансиски системи за поголема транспарентност, а Кина ќе продолжува да расте на економско, политичко и културно ниво, додека САД ќе слабеат. Се предвидува можно спасување на малите држави со големи долгови од страна на големи корпорации кои се побогати од цели земји.

Модните дизајнери и продавниците за облека ќе имаат стратегии за модерен изглед на горниот дел од телото, односно делот што се гледа на онлајн-состаноците. Ќе се врати популарноста на хируршките зафати на лицето за естетски цели.

Конечно, се предвидува изумирање на музичките жанрови со зголемувањето на популарноста на листите на „Спотифај“ составени според расположение. Освен тоа, се предвидува и популаризирање на музика без мелодија, односно рап без мелодија.

Автор: Емили Сегал
Извор: theguardian.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот