X
 22.02.2023 Здравје

Научници тврдат дека Алцхајмеровата болест е предизвикана од исхраната

Покрај напорите на научниците да се најде лек за Алцхајмеровата болест, таа останува неизлечива и денес. Меѓутоа, научниците сега имаат нова теорија за можната причина за болеста. Тие сметаат дека за нејзината појава е виновен вид шеќер кој се нарекува фруктоза, а се наоѓа во многу намирници.

Телото може да произведува фруктоза по природен пат, на пример, преку консумација на храна со многу сол. Претходни научни истражувања покажале дека фруктозата во мозокот им помагала на нашите предци во барањето храна, но нова студија сугерира дека во модерното време, промените што ги предизвикува овој шеќер може да се поврзат со Алцхајмеровата болест.

Како фруктозата им помогнала на нашите предци? Шеќерот инхибира одредени делови од метаболизмот на мозокот: го блокира одвлекувањето на вниманието, како што се неодамнешните сеќавања. Ова исклучување на одредени мозочни активности ни помага подобро да се фокусираме на преживувањето, а исто така го поттикнува истражувањето и преземањето ризик, а сето тоа е важно за барање храна.


Фото: Pixabay

Во најновата студија научниците тврдат дека овој „прекинувач за преживување“ сега е постојано вклучен, иако повеќето луѓе во современиот свет денес многу малку бараат храна. Ова ги принудува луѓето да консумираат повеќе масна, слатка и солена храна отколку што им е потребно за да произведат повеќе фруктоза. Тоа може да доведе до воспаление на мозокот и евентуално да создаде услови кои предизвикуваат Алцхајмерова болест, посочуваат авторите на студијата.

Научниците претпоставуваат дека ефектите на фруктозата и нејзиниот нуспроизвод, интрацелуларната урична киселина, предизвикуваат таложење на протеини поврзани со Алцхајмерова болест. Тие, исто така, укажуваат на врската помеѓу различните ризик-фактори за Алцхајмерова болест (како што е консумирањето алкохол) и производството на фруктоза.

- Тврдиме дека Алцхајмеровата болест е предизвикана од исхраната. Предлагаме да се спроведат диететски и фармаколошки испитувања за да се намали изложеноста на фруктоза или да се блокира метаболизмот на фруктоза за да се утврди дали постои потенцијална корист во превенцијата, управувањето или лекувањето на оваа болест - посочи Ричард Џонсон, нефролог од Универзитетот „Колорадо“.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје