Егзотично овошје што има вкус на свинско месо може да спаси милиони луѓе од глад. Познато под името нангка, тоа е најголемото овошје во светот и расте во Јужна и во Југоисточна Азија. Еден плод, кој може да тежи меѓу 4,5 и 45 килограми, содржи стотици семиња кои се богати со калциум, протеини, железо и калиум. Еден плод може да биде доволен за оброк за цела фамилија. Истражувачите велат дека ова овошје би можело да ги замени пченката и пченицата, кои се загрозени од климатските промени.
Фото: Daily Mail
Дипломци од Бирмингем се обидуваат да го продаваат овошјето како здрава алтернатива за свинското месо. Проектот наречен „Проџект џекфрут“ го почнаа 23-годишните претприемачи Џордан Грејсон и Аби Робертсон, кои барале замена за месото во нивните оброци. Тие продаваат претходно подготвени порции нангка со различни вкусови.
Овошјето е многу популарно во Бангладеш и во други јужни и југоисточни азиски земји, но Грејсон и Робертсон признаваат дека на јавноста можеби ќе ѝ треба време додека да се навикне на него.
- Некои луѓе како да имаат трема, но штом еднаш ќе пробаат, не можат да поверуваат. Многу е подобро од месо. Мислам дека ќе го сметаме за „заборавеното овошје“ - вели Робертсон.
Со кампања за финансирање, во октомври минатата година парот успеа да собере повеќе од 9.000 долари за проектот. Со тоа, Грејсон и Робертсон можеа да почнат со производство на нивниот продукт во Индија. Тие продаваат 300 грама од нивните нангка миксови за пет фунти, односно 6,9 долари, а велат дека тоа може да се подели на четири порции. Нивниот план е да почнат со дистрибуција на оваа замена за месото и во Велика Британија. Моментно само малку трговци го набавуваат овошјето поради трошоците за превоз и фактот дека тоа само кратко време може да биде на полица. Ова овошје може да се најде и на азиските пазари во САД.
Нангката се посочува како потенцијален фактор во решавањето на гладот во светот. Според експертите, еден килограм од овошјето има околу 95 калории.
- Ова е чудо. Може да овозможи многу хранливи материи и калории - вели Шјамала Реди, биотехнолошки истражувач на Универзитетот за земјоделски науки во Бангалоре, Индија.
Но, иако ова овошје на големо се консумира во Виетнам, Бангладеш и во други земји каде што успева, 75 отсто од производството на нангката во Индија одат во отпад - има репутација на овошје за сиромашните, па го оставаат да скапува. Неколку индиски организации работат на промена на перцепцијата за растението, а некои експерти велат дека одгледувачите можат да заработат и по 150 долари од дрво поради многуте продукти што може да се направат од него, како природни масла, латекс, храна за добиток и многу други нешта.
- Парадоксално е што Азија фрла толку големи количини од ова овошје додека многумина страдаат од недостиг на храна - стои на страницата на Грејсон и Робертсон.
Кога ќе созрее, овошјето има вкус на манго и има уникатна текстура, но од „Проџект џекфрут“ го продаваат пред да созрее. Робертсон објаснува дека сè е до тоа како ќе се приготви. Грејсон и Робертсон се надеваат дека ова овошје ќе се распространи во Велика Британија и пошироко.