В недела капсулата „Драгон“ на „Спејс Екс“ ќе се закотви на Меѓународната вселенска станица (ИСС) носејќи речиси три тони товар. Следната мисија за носење набавки на ИСС од страна на компанијата на Илон Маск е закажана за март 2020 година и додека тоа патување можеби не вклучува супермускулест глушец, во пратката ќе има нешто еднакво уникатно: канабис.
Во вторникот агротехнолошката компанија „Фронт Рејнџ Бајосајенсес“ најави планови за праќање канабис на ИСС. Не, тоа не е за астронаутите, туку компанијата ќе испрати растителни култури на индустриски коноп, кој има мали нивоа на ТХЦ (тетрахидроканабинол).
Културите ќе останат во инкубатор на ИСС 30 дена додека „БајоСрв спејс технолоџис“ (проект-партнер на „Фронт Рејнџ“) ги набљудува од Универзитетот во Боулдер, Колорадо.
Кога ќе поминат тие 30 дена, канабисот ќе биде вратен на Земјата за да можат од „Фронт Рејнџ“ да видат дали и каков ефект имаат
микрогравитацијата и вселенската радијација на неговите генски експресии.
- Има наука за поддршка на теоријата дека растенијата во вселената доживуваат мутации. Ова е можност да се види дали тие мутации се одржуваат кога растението ќе се врати на Земјата и да се види дали може да има нови комерцијални примени - истакна извршниот директор на „Фронт Рејнџ“, Џонатан Вот.