X
 29.09.2021 Образование

Фулбрајт претставува неповторливо професионално искуство

Д-р Ангелина Станојоска, вонредна професорка на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, до крајот на август 2021 година престојуваше на Одделот за криминологија и кривична правда при Универзитетот во Мизури – Сент Луис во рамките на добиениот Фулбрајт престој за постдокторски истражувања во САД.

Што за Вас, како универзитетска професорка, значи Фулбрајт-стипендијата?

Фулбрајт-стипендијата ми беше професионална цел за која почнав да размислувам и ја посакував веднаш штом бев избрана во наставно-научното звање доцент на Правниот факултет при УКЛО – Битола. И тоа не само поради фактот што е најдобрата и најпрестижна стипендија во светот на науката, туку и поради тоа што ми овозможи да престојувам во САД и да истражувам на американски универзитет. Да се работи на истражување во САД поврзано со криминалното однесување би рекла дека е неповторливо професионално искуство поради бројноста и квалитетот на нивните криминолошки истражувања, големите можности за работа, достапноста на изворите за претходни истражувања, широките хоризонти и несебичната помош на американските колеги.

Колку Фулбрајт-престојот во САД Ви помогна во академска смисла?

Се разбира дека професионално престојот на Одделот за криминологија и кривична правда при Универзитетот во Мизури – Сент Луис ми помогна да ги надградам моите познавања од методологијата на истражување на криминалот и да почнам да применувам поинаков пристап при подготовката на истражувањата и креирањето на инструментите за нивно реализирање. Исто така, морам да напоменам и дека научив  нови пристапи во однос на предавањата на криминолошките теории кои секогаш им се комплексни на студентите, па на таков начин ќе можат полесно да ја сфатат нивната суштина и полесно да ги совладаат. 

1

Што истражувавте за време на престојот и дали имате прелиминарни резултати од истражувањето?

Мој предмет на интерес веќе подолго време, а и за време на Фулбрајт-престојот во САД е генералната теорија на напнатост на Роберт Агњу. Напнатоста според генералната теорија на напнатост е поврзана со случувањата во нашата микросредина, со нашите доживувања на настаните што ни се случуваат, каква е нашата перцепција кон нив и кои негативни емоции се јавуваат како резултат на тоа. Професорот Агњу смета дека постојат емоции кои речиси секогаш кога ќе се појават, резултираат со криминално однесување. Таква емоција, на пример, е бесот, кој најчесто се поврзува со насилното криминално однесување.

За да можеме да отстраниме напнатост кај некого или кај одредена категорија граѓани, потребно е претходно да ги откриеме најчестите извори на напнатост карактеристични за таа категорија. Тоа може да бидат: неуспех да се достигнат позитивно вреднувани стимули, што кај студентите би била, на пример, неможноста да се положи испит или да се добие висока оценка, да се задржи стипендија или висок просек, да се најде вработување, успешно да се вклопат во универзитетската средина, контактот со нивните колеги, да можат да воспостават соработка со професорите, да успеат да се носат со обврските и слично. Понатаму, како извор на напнатост се ситуации кога би биле отстранети позитивно вреднувани стимули, кога на пример младиот човек би загубил некој близок пријател или колега или можеби би прекинал интимна врска. И на крајот, ако се присутни негативно вреднувани стимули, кои се опасни стимули, како што е виктимизацијата, односно постоење на сексуално, физичко или друг вид насилство во семејството, во односите со колегите или професорите/асистентите, во интимните врски итн.
Сите претходно наведени извори на напнатост во истражувањето се поврзани и со ковид-19 пандемијата, која како една од независните варијабли би требало да укаже дали поради променетиот начин на живот, рестриктивните мерки, физичката дистанца, онлајн предавањата и многуте други аспекти на „новото нормално“ довеле до зголемување на напнатоста. Очекувањата се дека има поместувања кон зголемена напнатост, а со тоа и појава на различни негативни емоции.
Постоењето на напнатоста доведува до појава на негативните емоции, па, во случајов, луѓето бараат начин да се справат со нив, однесувајќи се криминално или посегнувајќи кон употреба на супстанции или насочувајќи го насилството кон себеси.

2

Потребно е многу за да се отстрани напнатост кај одредена категорија луѓе, затоа што понекогаш тоа се системски проблеми, како студиски програми кои не се модернизирани со застарени предмети, отсуство на практична настава, неможност за вработување или уште полошо проблеми кои „успешно“ се затскриваат, како што се дискриминацијата и родово заснованото насилство.

Би навела само дека прелиминарните резултати укажуваат дека ќе постои поврзаност на употребата на алкохол и марихуана во насока на надминување на негативните емоции кои се резултат на напнатоста. Но, за сигурни резултати би требало да ги почекаме конечните пресметки на собраните податоци.

Кога би ги споредиле условите за истражување во САД и Македонија, кој би бил Вашиот заклучок?

Невозможно е да се споредат условите за работа и истражувања во двете земји. Универзитетите во САД имаат многу повеќе финансии за научна работа, додека сојузните држави, а и федералната влада редовно поддржуваат истражувања кои се од јавен интерес и врз чии резултати се засноваат јавните политики поврзани со криминалното однесување, системот на кривична правда или процесот на третман на осудениците.

Исто така, пристапот кон податоци кои се потребни за истражувањата е многу различен од тој кај нас, во Македонија. Во САД постои тесна соработка на универзитетите и државните институции, па истражувачите имаат многу олеснет пристап до секундарни податоци или до примероците од кои треба да ги соберат примарните податоци за истражувањето.

На крајот, не помалку важно, универзитетите имаат пристап до многу библиотечни бази каде што слободно може да консултирате претходни истражувања кои се објавени од реномирани издавачи.

4

За жал, во Македонија ваквите услови речиси и да не постојат. Финансии нема, пристап до библиотечни бази нема, а доколку посакате да побарате пристап до податоци во државна институција, ќе треба да минете низ многубројни преписки и објаснувања. И се разбира, заклучоците од вашите истражувања никому не му се битни при креирањето на јавните политики.

Покрај истражувањето, дали бевте вклучени во други активности на Одделот?

Во рамките на мојот престој имав можност да присуствувам на повеќе онлајн предавања и работилници на колегите од Одделот, како и да одржам предавање за студентите на втор и трет циклус студии во однос на моите истражувања криминалното однесување на жените во Македонија и резултатите од истите.  

6  

Што би им порачале на Вашите колеги во однос на Фулбрајт?

Фулбрајт претставува неповторливо професионално искуство што (барем тоа е мое мислење) не може да се споредува со други академски искуства. Би порачала секому кој е вистински заинтересиран за научните истражувања и има желба да работи во одлична професионална атмосфера, да не размислува, туку да аплицира за Фулбрајт-програмата. Кога имате цел за која сте сонувале, треба само да сте храбри и целокупната своја професионална работа да ја насочите кон исполнувањето на таа цел.

Што најмногу ќе паметите, освен професионалното искуство, од Вашиот Фулбрајт-престој?

Би рекла дека она што најмногу ми фали е организираноста на американското општество, љубезноста на Американците, желбата и подготвеноста на колегите да ви помогнат во секој момент и да ви дадат совет за истражувањето што го работите. И, се разбира, хармонијата на урбаниот ред и зеленилото, пред сѐ, Форест паркот во Сент Луис, во кој минував голем дел од слободното време.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование