Два македонски филма успеаја да се пласираат на еден од најголемите филмски фестивали посветен на независниот филм - „Санденс“. Станува збор за документарниот „Медена земја“ („Honeyland“) во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и копродукцискиот „Ловци на вештерки“ на Рашко Миљковиќ.
„Медена земја“ е веќе награден на неколку фестивали, меѓу кои доби награда од Сараевскиот филмски фестивал лани, на програмата „Синелинк“, за развој на филмот. Продуцент е Атанас Георгиев.
Семејната приказна „Ловци на вештерки“ ја имаше премиерата на Филмскиот фестивал во Торонто, каде што ја освои наградата на публиката, а веќе е прикажан на 30-ина филмски фестивали. Филмот е копродукција со Србија, а во него игра и нашата актерка Јелена Јованова. Продуцент на филмот е Огнен Антов од „Дрим фактори“. „Ловци на вештерки“ ќе биде прикажан во категоријата на детски филмови.
„Санденс“, кој постои од 1981 година, е основан од Роберт Редфорд. Ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари 2019 година.