X
 14.03.2019 Култура

„Медена земја“ во Хонгконг, во МОМА, на европска премиера во Швајцарија


Документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска ќе биде прикажан на 28 март на 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Хонгконг, на 3 април во престижниот Музеј на модерна уметност (MоMA) во Њујорк, а на 8 април ќе ја има својата официјална европска премиера на Филмскиот фестивал „Visions Du Reel“ во Нион, Швајцарија.

На 9 април е закажана проекција на филмот на отворањето на фестивалот „Магнифисент 7“ во Белград, а на 13 април следува гостување во Лондон, во рамките на „Frames of Representation“ во Институтот за современи уметности на Велика Британија.

Во киното „Милениум“ вчера и завчера имаше затворени проекции на филмот. Во емотивна атмосфера со силен аплауз, овации и солзи во очите публиката ја поздрави Атиџе, главната хероина на документарниот филм.
„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.

Со победа во три категории, филмот минатиот месец триумфира во конкуренцијата за документарци од целиот свет на престижниот американски филмски фестивал за независни филмови „Санденс“. Филмот ја доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградата за најдобра кинематографија. Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

Фото: Маја Аргакијева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура