X
 29.11.2018 Живот

Во Африка воз ќе се движи до 320 km/h, а во Србија при 20 km/h излетаа вагони од шините

Африка неодамна доби пруга за брзина и до 320 километри на час. Пругата овој месец беше отворена од страна на кралот на Мароко, Мухамед VI, и францускиот претседател Емануел Макрон. Кралот ја нарече пругата „Ал Бурак“, по митско суштество.

Новата пруга е заеднички проект на марокански и француски компании и го преполовува патот меѓу Казабланка и Тангер - наместо четири часа и 35 минути, возот ќе патува два часа и 10 минути.

Проектот е делумно кредитиран од француски кредит во износ од 625 милиони евра, како и со кредит од Африканската банка за развој од 300 милиони евра.

Новата пруга ги поврзува мароканските градови Тангер и Кенитра, а ќе се надоврзе на постојната пруга што ги поврзува Кенитра, Рабат и Казабланка. На новата делница од пругата долга 186 километри возовите ќе возат со брзина од 320 километри на час. Пругата има 13 вијадукти со вкупна должина од 10 километри.

Постојната делница од пругата, долга 137 километри, е унапредена и на неа сега возовите ќе се движат со брзина од 160 километри на час, а се очекува наскоро дополнително да се унапреди и да може да се вози и со 220 километри на час.

Во меѓувреме, на Балканот имаме спротивна појава. Имено, на железничкиот премин меѓу Свилајнац и Грабовац, Србија, излетаа неколку вагони од товарен воз кој превезувал камен од Деспотовац кон Марковац. И сето ова можеби и не би било толку актуелно доколку возот не се движел со само 20 километри на час.

Според српските медиуми, никој не бил повреден, материјалната штета не била голема, но бил предизвикан повеќечасовен застој во сообраќајот.

Машиновозачот Стојан Ристиќ истакнал дека возот се движел со брзина помала од 20 километри на час и дека најверојатно излетал од шините поради исклучително лошата состојба на пругите.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот