Постои едно место на кое има толку многу злато и платина, што кога би се продале сите тие метали, а меѓу нив покрај споменатите преовладуваат и железо и никел, би се заработиле 700 квинтилиони долари. Со оглед на тоа дека квинтилионот е број кој содржи 30 нули, тоа значи дека кога парите би биле рамномерно поделени меѓу сите жители на нашата планета, секој од нас би добил околу 93 милијарди долари. Не станува збор за некое измислено место од некоја приказна, туку за многу конкретно одредиште - астероидот Сајки-16 (Psyche-16) на кој луѓето, односно истражувачка сонда на НАСА ќе слета во 2026 година.
Овој астероид се наоѓа во астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер, има облик на компир и пречник од 226 километри, а речиси целосно е составен од четирите веќе споменати метали - железо, никел, злато и платина. Меѓутоа, иако сите би помислиле на тоа, НАСА не ја испраќа сондата на астероидот заради вредните метали, туку заради научни причини. Имено, тие се надеваат дека на астероидот би можеле да пронајдат одговор на прашањето како настанало Земјиното јадро. Научниците претпоставуваат дека тој астероид настанал само 10 илјади години по Сонцето и дека некогаш бил планета како Земјата, но потоа го загубил камениот слој и останало само јадрото.
Сепак, не се сите со такви „чесни“ намери како НАСА, па уште отсега е јасно дека ова е почеток на нова златна треска, само што засега тоа се одвива во тишина. Така, во Луксембург во текот на изминатите две години се издвоени 500 милиони евра за вложување во компании кои ќе се занимаваат со вселенско рударење, а иако отпрвин станува збор за многу голем износ, тој ќе биде речиси безначаен кога на хартија ќе се стават некои бројки. Пропорционално во близина на Земјата - на оддалеченост од околу 45 милиони километри - кружат околу 13 илјади астероиди, а малку подалеку, во појасот меѓу Марс и Јупитер, има повеќе од милион. Во банката „Голдман Сакс“ проценуваат дека само во еден астероид би можело да има ретки сировини вредни и до 50 милијарди американски долари, затоа и не е чудно што извлекувањето руда од астероиди во идните неколку децении би можело да стане индустрија вредна билиони
долари.
- Првите сировини од Сајки-16 би можеле да ги донесеме на Земјата за околу 25 години, а комерцијалната експлоатација ќе се одложи за 40 до 50 години. За тоа постојат „само“ два предуслови, првиот е тоа што вселенската технологија сè уште треба да напредува, а вториот е економската исплатливост на проектот. Ова второто воопшто не е дискутабилно, а тоа го илустрира и фактот дека денешната вредност на вселенската економија изнесува 350 милијарди долари, а до 2040 година ќе се зголеми на 2,7 трилиони - вели професорот Џон Зарнецки, претседател на Кралското астрономско друштво.
Колку за споредба, производството на сировите метали на Земјата се врти околу 660 милијарди американски долари.
- Летот во вселената е многу скап. Трошоците на експедицијата на НАСА, чија цел е да донесе 2 килограма материјал од астероидот на Земјата до 2023 година, изнесуваат околу милијарда долари. Затоа во тоа ќе успеат само оние што се доволно храбри да се соочат со астероидската треска - заклучува Мич Хантер-Скалон, основач на „Астероид мајнинг компани“.