X
 29.11.2021 Колумни

Ковид-стварноста – сѐ уште непресушниот извор на поделби, човечки апсурди и општествени деформации

Што се случи, па сите оние топли, човечки вредности ги трансформиравме во пизма, клетва и атак? Што се случи, па заборавивме дека сите сме на удар во оваа сурова битка? Нели се уморивме веќе од толку поделби, човечки апсурди и општествени деформации во животецов ни кус и непредвидлив?


Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Повеќе од две години ја живееме ковид-стварноста. Период во кој наместо да се владееме според правилата на научените лекции и сфатените механизми преку кои овој монструм функционира, ние сѐ уште се бориме „на терен“, како во животен ринг, изложени на меѓусебни препукувања и озабени до ниво кое е просто необјасниво за услови во кои сите сме во истата состојба: гинеме. Период во кој разумот немоќно гледа од ќошот во рингот и се обидува да потсети дека ќе биде предоцна кога пешкирот ќе биде фрлен. Тогаш кога мечот ќе заврши и кога големиот број рунди ќе значи само едно: можеше и поинаку, ако умеевме. Ако застаневме и се соочевме со себеси, за да сфатиме колку многу од нас зависеше. Колку многу гардови и наши добри удари пропуштивме.

Многу нешта се случија во овој мачен период. Многу мачни човечки судбини. За сите нас што не сме ги доживеале, само статистика која ја слушаме на дневно ниво и која, за жал, најмногу ни служи за лоцирање вина (секако со различни причини и за различни намени), а не за освестување кое ќе ни ги активира механизмите на внимателност и однесување согласно состојбата. Но не. Вклучувањето на алармот го заменивме со многу посветени битки за човечките права кои во време на масовно гинење, ете, ги губиме, затоа што ни се нуди единственото оружје барем за засолнување, ако не за спас, кое во моментов го имаме.

Некако наеднаш создадовме многу контрадикторна атмосфера во која од многуте можам да издвојам барем два аспекти кои отскокнуваат по својата апсурдност.

Пред сѐ, просто фрапираше големата гласност дека затаивме како систем затоа што немаме вакцини, за сега кога ги имаме, да се преобразиме во чувари на личните права и слободи, кои сега, во 21 век, ни се загрозени со тоа што ни се нуди излезот од лавиринтот во кој толку страшно талкаме, сѐ повеќе се чини дека тој и не постои. Се ставаат под знак прашалник авторитетот и професионалниот габарит на здравствените работници, кои себеси беспоштедно се вложуваат во нас овие две години – сите знаеме подобро, сите знаеме сѐ. Сите солиме памет. Станавме следбеници на дискутабилни фигури-креатори на искривени светогледи во кои живеат заговорот, намерата за истребување на човечкиот род, чипот за следење, жив отров и други толку апсурдни аспекти на застрашување што на разумот му останува да се повлече и да се надева дека, сепак, ќе ги преживее сите нокдауни и еден ден, некој пак ќе го забележи. Гледаме распаматени фигури кои повикуваат на внимателност поради опасноста од жртвување на човештвото преку ритуали на полни месечини, блудство и ловење на антихристите. Гледаме лекари кои споделуваат апели за немање верба во вакцините, губејќи ги од вид годините низ кои учеле да бидат лекари. Гледаме луѓе кои не веруваат во системот, губејќи од вид дека и тие се дел од него. Гледаме една животна клима во која поделеноста и подготвеноста повеќе да ѝ се верува на лагата и дезинформацијата, наместо на фактите и науката, се толку големи, што се просто жални во сета своја неверојатност. Гледаме неверојатна атмосфера во која како никогаш порано сето знаење е на дофат и на располагање, а толку малку се прифаќа да се знае. Толку многу пизма затскриена зад правото на лично одлучување, да се губи од вид дека никој од нас не живее на пуст остров и дека личната слобода завршува онаму каде што почнува загрозувањето на слободата на другиот, особено кога е во прашање правото на живот во услови на колективна закана за него.

Исто така, постои уште еден аспект кој е многу очигледен во оваа мачна ковид-атмосфера. Уште еден аспект кој просто фрапира со својата гласност дека затаивме како систем, бидејќи ете, нема онлајн настава. Се кренаа родителите барајќи затворање на училиштата поради реалните закани за животот на највредното нешто – децата. Се затворија и цела година работевме во онлајн формат. И ете. Повторно масовно кревање на родителите, кои наеднаш се соочија со состојбата да не знаат што да им прават на децата дома и излегоа со нови барања – да се отворат училиштата затоа што децата ништо не научуваат ако не се во училницата. Секако, им недостига и социјализацијата. И да, и онака се постојано со истите тие деца надвор, зошто училницата би била закана за нив? Стартуваше новата учебна година, според процените на надлежните, оценета како сосема подготвена да стартува со физичко присуство. Повторно нови делби, мавање по системот, по наставниците. Можеби по нив најмногу. Настана една исклучително конфузна ситуација во која веќе не е јасно што се сака всушност – дел од родителите се за враќање на децата дома, дел од нив за останување во училиштата. Фелата еднакво поделена, раскарана, измачена во сиот професионален напор да ја избалансира демотивираноста на децата со желбата да им влее доза знаење и желба да бидат ученици со сите нишани. Она што толку многу време добива формат на невозможна мисија.

Повторно се губи од вид она што е факт, постојано се игнорира, а е непобитна вистина: детето кое учи и сака да знае има изградено работни навики и знае што е одговорност, учи независно од тоа во кој формат се одвива наставата. Детето за кое училницата не е препознатлив учебен простор, еднакво не учи и низ другите формати и многу тешко се успева во напорот учењето да го доживее како предизвик, а не како товар.
Ако се додаде родителското покривање на сопствените воспитни утки, со недозволивото оправдување на однесувањето на детето, како и професионалната апатија која во многу широк лак ја зафаќа фелата веќе долго време, станува јасно дека визирот е комплетно изместен.
Останува мачниот факт дека оправданието за отпорот кон враќањето на онлајн настава, во услови кога околностите во училницата се повеќе од јасни и бараат трезвено, разумно согледување на ризиците и преземање мерки во согласност со нив, упорно се бара во небулозноста на инсистирањето дека детето не научува, затоа што учи од дома.
Не е така. Детето не научува затоа што не гледа потреба од тоа. Живее во амбиент во кој знаењето е хендикеп. Затоа стојам на фактот дека училницата не е географски поим. Училницата е секаде, ако се создаде амбиент за нејзино доживување како сериозен простор за меѓусебно општење на умови, отворање на сите плафони за да се гледа хоризонтот. Зошто во тоа не успеваме, секако и пред ковидот, а со него уште потешко, е сосема друго прашање кое го туркаме под тепих, како смет кој не сме подготвени да го признаеме и со тоа создаваме привид на систем кој функционира, а кој, за жал, се бори со последици, а не со причини.

Жртвата е само една: детето.

Ова се само два аспекти кои ја дефинираат небулозноста на нашето ковид-живеење. Низата е долга, апсурдна и не е едноставна да се сфати и прифати од оние за кои разумот уште е жив. Прашањата што се отвораат кога се прави обид да се протолкуваат случувањата се многубројни, а како што се чини, нивните одговори се невозможни, ако се цени тежината на атаците врз нормалноста.

Останува нејасно што се случи, па хоризонтите станаа толку магловити, да не даваат можност да се здогледа видливото? Што се случи, па пропагандата ја надвјаса вистината? Што се случи, па се отвори потреба да се докажува непобитен факт, дотолку да е просто вон памет да се тврди спротивното? Што се случи, па со невидена леснотија се користи толку грд наратив во одбрана на правото и честа, завиткани во незнаење? Што се случи, па докажувајќи се и барајќи си ги правата, а губејќи од вид дека личните права и слободи не подразбираат да веруваме во што сакаме, туку во она што е факт, ги заборавивме оние во името на кои трчаме низ животот – децата? Што се случи, па сите оние топли, човечки вредности ги трансформиравме во пизма, клетва и атак? Што се случи, па заборавивме дека сите сме на удар во оваа сурова битка?
Нели се уморивме веќе од толку поделби, човечки апсурди и општествени деформации во животецов ни кус и непредвидлив?

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни