Ако тргнеме од фактот дека, со оглед на динамиката на деловното опкружување и стопанските текови, ги оспособуваме децата за работа која „сè уште не постои“, важно е да бидат подготвени брзо да учат, да размислуваат со отворени умови, самостојно да одлучуваат и да решаваат проблеми
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Секоја учебна година носи со себе нови предизвици, нови шанси, нови аспекти на однесување на сите чинители кои, секој со својата улога, се дел од современото живеење. Децата ја живеат својата стварност онака како што ние возрасните им ја создаваме, им ја објаснуваме, им ја сервираме како поединечни оброци, зачинети со животни мирудии кои понатаму им го дефинираат вкусот на животот.
Ќе се сложиме, верувам, дека современието е мошне комплексно низ различните аспекти кои ги подразбира, а кои се манифестираат, пред сè, низ воспитните модели на родителите, сè понемоќни во својот напор за своите деца да изградат поглед на свет кој нема да биде деформиран, кој за децата ќе значи правилен чекор, без скршнувања и секако најважното, без можности за оправданија зошто тоа скршнување е направено. Од друга страна, тука сме и ние, наставниците, за кои држењето чекор со модерните текови во воспитно-образовната сфера е императив и покрај фактот што нашиот напор да им помогнеме на децата да бидат дел од светот, подготвени да живеат и да творат во него, очигледно не е доволен.
Што значи родител на 21 век?
Ова не е едноставно прашање за ниту еден родител денес. Ние, повозрасните родители, умееме да кажеме дека некогаш беше поедноставно да си родител затоа што не беше доведуван во прашање нашиот авторитет, но притоа забораваме на неприкосновениот факт дека тоа било така затоа што ние сме се поставувале така кон нашите деца - сме имале време за нив, а од тој факт произлегувало сето останато: сме имале очекувања од нив, сме им создавале осет за одговорност и сме ги учеле на почит и култура. Денес, сликата е поинаква: родителите живеат во амбиент во кој како никогаш порано многу работат, а како никогаш порано малку заработуваат, во напор да обезбедат иднина која никако да се случи. Изморени се и не се во состојба да поминат квалитетно време со своите деца, кои не ги воспитуваат само родителите, туку и „третиот“ во куќата, односно телефоните, компјутерите и телевизорот. Од нив децата учат дека решавањето конфликти со агресија е нормално, животот треба да е она што им го нудат ѕвездите од реалните шоуто, а патот до успехот е можен само ако се одбираат пократките, побрзите опции. Сите сме свесни за предизвиците пред кои се исправени денешните родители, како и за реалните тешкотии со кои се соочуваат кога детето ќе ги праша на која планета живеат, кога се обидуваат да им ја всадат исправноста која надвор од дома не ја гледаат. Сепак, родител на 21 век создал дете на 21 век и во тој дух треба да го гради понатаму, што ќе значи дека и покрај сите пречки и сопки, ќе мора пред сè да однегува подобра емоција за своето дете, да го следи и постојано да го набљудува. Да му постави граници и покрај безграничноста по сите основи која детето ја гледа надвор од домот бидејќи преку нив си создава идентитет на однесување, кој ќе го обележува како човек цел живот. Доследноста исто така е многу важен воспитен аспект затоа што детето кое за своето однесување добило соодветни ограничувања, сфаќа дека згрешило само ако родителот истрае на својата одлука, секако, ако таа е одмерена и пласирана пред детето на пријателски начин, зад кој секогаш има родителска љубов. Емпатијата, почитувањето на различниот, одбраната на послабиот, почитувањето на постариот, сочувствувањето со другиот како онаа неприкосновена човечка димензија се исто така многу важни сегменти од родителството денес, а можно е да им се всадат на децата само ако родителот самиот ги поседува.
Исто така, можеби најважниот аспект кој ја дефинира тежината на родителството во 21 век е напливот на модерната технологија, достапна до секое дете во секое време. Се чини дека најважната задача на родителите денес е да им ја всадат потребата од ограничување на виртуелниот живот, како еден опасен паралелен свет во кој децата се губат и сè потешко се носат со искушението да се надвор од него. Затоа стручњаците од областа на детската психологија посочуваат дека најголемата родителска вештина во 21 век е токму таа – да му помогнат на детето да ја сфати улогата на дигиталниот свет и да го научат да ги користи неговите полезности во позитивна конотација, која ќе значи учење, надградба и заштита на неговиот ум од негативни влијанија. Тешко е, да. Но не е невозможно. Затоа сме родители, впрочем.
Што значи наставник на 21 век?
И ова не е едноставно прашање за секој наставник денес. Ако тргнеме од она што детето го носи со себе од дома како воспитна матрица, во која, за жал, наставникот денес е секогаш виновен, а за детето секогаш има оправдание (што е своевидна современа придобивка), станува јасно дека и нам не ни е лесно да се справиме со предизвикот да бидеме наставници на 21 век. Мораме да прифаќаме, да се мириме со нештата, да креваме личен гард, но и да ја напуштаме комфорната зона во која сме учителствувале со децении и да се фатиме во костец со новите предизвици, бидејќи оние пред кои стоиме се децата на новото време. Затоа, колку и да сме изморени, маргинализирани, обесхрабрени од сите нешта што ни го доведуваат во прашање наставничкиот интегритет и професионалното достоинство, имаме задача да создадеме деца кои, пред сè, ќе умеат критички да размислуваат. Тоа значи дека ќе им овозможиме да преминат на погорното скалило, затоа што ќе можат да излезат од фактографијата во совладувањето на материјата и ќе стекнат комплексни вештини на размислување на повисоко ниво. Тоа, пак, значи дека критички ќе се зафаќаат со процесите на учење преку избегнување на вообичаените стапици, како што се гледање на проблемот само од една страна, отфрлање на докази со кои не се сложуваат, резонирање кое не е водено од логика и тврдења кои не водат кон решение. Секако, сакам да нагласам дека со ваквиот пристап на децата ќе им ги понудиме универзалните интелектуални вредности кои го надминуваат едноставното учење, а се однесуваат на точноста, на прецизноста, на доследноста, на релевантноста, добрите причини, длабочината, широчината и чесноста – сето она што толку им недостига, а новото време го подразбира. Исто така, одењето напред ќе подразбере и оспособување на децата да решаваат проблеми, со тоа што ќе ги оспособиме да им приоѓаат така што ќе прават анализа на нив. Тоа значи дека им е потребно да сфатат дека решавањето проблем всушност е процес во кој целта не е можно да се оствари од различни причини (немање ресурси или информации, на пример), па со самото тоа, сè што се презема заради остварувањето на поставената цел, ги води до решавање на проблемот. Генерално земено, ваквиот приод ќе ги подготви побрзо да учат и да се приспособуваат на промените што новото време ги носи. Конечно, со тоа што критички ќе размислуваат на дадена тема додека се со нас, ќе ги оспособи на неа да гледаат како на релевантен предизвик, стануваат независни и самонасочени во учењето, а со самото тоа се оспособуваат и за критичко размислување на сите теми во поширокиот општествен контекст подоцна. Така можат да излезат од матрицата на предрасудите, стереотипите и пристрасноста и додека учат и подоцна во текот на животот. Кога станува збор пак за способноста за решавање проблеми, сакам да нагласам дека со тоа се учат да прават разлика помеѓу факт и лично размислување и став, што им помага да ги разгледаат сите опции кога бараат решение. Ако тргнеме од фактот дека, со оглед на динамиката на деловното опкружување и стопанските текови, ги оспособуваме за работа која „сè уште не постои“, важно е да бидат подготвени брзо да учат, да размислуваат со отворени умови, самостојно да одлучуваат и да решаваат проблеми.
Детето на 21 век е родителски и наставнички императив. Создадено е да живее и да создава во време кое допрва доаѓа. Затоа е наша задача времето во кое е со нас, збунувачко и само по себе мошне драматично и истоштувачко и за него, да му го направиме онакво какво што му е потребно – со многу љубов, трпение, труд, разбирање и напор да излезе од него токму такво: дете на новото време, способно да остави свој печат во него.