X
 06.12.2016 Политика

Став: Фидел Кастро - диктаторот


Хавана, Куба

Колумна на Зои Вилијамс во Гардијан.

Веста за смртта на Фидел Кастро покрена поплава од патописни текстови, сеќавања на запуштената Хавана и нејзините бедни граѓани. Преплавени сме со белешки од депресивните летувања, кои сепак не можат да бидат толку лоши, бидејќи секој разумен човек веројатно би ги прекинал. На Куба цветаше проституцијата меѓу жените и мажите, во продавниците немаше ништо освен црн грав и понекој пар чорапи, а избори, јавни собири, влез во туристички хотели и хомосексуалноста беа спротивни на закон. Во животот на починатиот 90-годишник нема ништо што е вредно за славење. Фактот дека починал е причина повеќе да се каже вистината. Оттука се и текстовите за неговите злодела, не толку во служба на историската вистина, колку како шлаканица за левицата: предизвик за левичарите, особено припадниците на бејби-бум генерацијата кои се обидуваат да го оплакуваат Кастро како свој херој.

Тоа е предизвик на кој левичарите не можат да му одолеат. Џереми Корбин неодредено се изјасни за Касто како за „голема фигура во историјата на планетата“. Што е тавтологија која ништо не зборува – секој кој е запаметен од историјата е значајна историска фигура. Потоа сепак избра страна пофалувајќи го „хероизмот“ на Кастро и покрај „сите маани“. Кен Ливингстоун отиде чекор понатаму. Тој историјата ја сфаќа како тригодишник кој за подарок добил елекричен пендрек, па читателот треба да се подготви за непотребни и непријатни шокови. Изјави: „Неговиот третман на лезбејките и хомосексуалците во почетокот не беше правилен, но поважно е дека луѓето имаа добро образование, добра здравствена заштита и богатството беше рамномерно  распределено“. „На почетокот“ значи „првите 20 години од владеењето“, „не беше правилен“ значи дека „хомосексуалците ги затворал во работни логори“. Но,  добро, да не бидеме ситничари.

Ја посетив Куба во 90-тите години. Бедата – или попрецизно недостигот на сешто - беше воочлива. Музејот каде гордо беше изложена кошулата во која загина Че Гевара беше сличен на излогот на најголемата продавница за облека во Хавана, со неколку кошули со игли прицврстени на стиропор. Општата сиромаштија на ова место помалку ме депримираше од Џакарта или Хонг Конг, каде кулите на огромното богатство се вишат покрај фавелите, додека класа на обесправени кметови клечи и се моли под мостовите. Но, природно, тоа што е некаде полошо не е никакво оправдување. Ливингстоун веројатно мисли дека Куба беше сиромашна заради американските санкции, а не заради Кастро, па сега би ни одржал предавање за здравствената заштита, интернационализмот и испраќањето на кубански лекари во уште посиромашни земји. Критичарите на тоа би одговориле дека Кубанците всушност биле без здравствена заштита, дека аптеките биле големи, но празни...

Ваквите препукувања ја промашуваат суштината. Кастро беше авторитарна фигура. Како што рече Кенеди: „Ветија слобода и слободни избори, дека ќе ја укинат полициската држава и ќе донесат подобар живот за луѓето кои долго време стенкаа под економската и политичката тиранија. Но, две години откако револуцијата го донесе на власт, Фидел Кастро ги прекрши сите овие ветувања“. Тоа беше во 1960 година. Во следната половина век дојде до извесно попуштање кога стануваше збор за геј-правата и употребата на мобилни телефони, но најважното не се промени: Кастро и натаму беше диктатор.

Можете да кажете дека него го движеа повозвишени начела од мотивите на еден Садам Хусеин, дека на луѓето кои преземаат власт со оружје тешко им е да се демилитаризираат, дека западните влади го оцрнеа на кои не им сметаа многу полоши диктатори. Но, политиката на авторитарните фигури не може да се брани, дури и кога ја доживувате како своја. Не можете да го славите Кастро како благороден губитник и во исто време да се тврди дека Тони Блер никогаш не може да се искупи за своите гревови. Принципите се како лични односи меѓу луѓето: малку вредат ако не ги подредите по важност. Плурализмот, демократијата и универзалните права се темели на прогресивната политика. Никој нема право да владее со сила и декрети. Ако една група е угнетувана, макар тоа биле и стоматолозите, тоа значи дека сите сме угнетени. И мала земја која извезува многу лекари може да ги крши начелата на левицата подеднакво како и некоја суперсила.

Да не е актуелниот развој на настаните во глобалната политика, можеби сето ова можеше да остане неискажано: припадниците на левицата со денови би се забавувале расправајќи кој е полош диктатор. Но, враќањето на авторитарната политика во САД, охрабрувањето кое со тоа го доби Владимир Путин и намерата на Најџел Фараж да патува во Америка за да побара „прошка“ за навредите кои Британците ги кажуваа за Трамп – сето тоа бара јасен и кохерентен одговор.

Проблемот со диктаторите не е во она што тие го прават: некои започнуваат војна, некои се грижат возовите да стасуваат на време, некои не го прават ниту едното ниту другото, но бесмислено е да се рангираат врз основа на стореното. Работата не е во тоа кои групи во нивните раце ќе станат жртви – иако е проблем тоа што некоја група секогаш ќе биде жртва, затоа што тоа е темел на нивната моќ: внатрешни поделби и потрага за жртвен јарец. Проблем не е дури ни тоа што авторитарните политички фигури не се согласуваат меѓусебно, па живееме во страв додека го чекаме неизбежниот судир на двајца своеволни и непопустливи автократи.

Не, проблемот е во тоа што целата моќ што автократот ќе ја приграби за себе не дошла од никаде: тоа е моќ одземена од луѓето чии животи заради тоа се осудени на политичка немоќ. Без оглед дали изборите се експлицитно забранети или авторитарните механизми - кои на победникот му даваат сè – ги прават ирелевантни, во таквите системи вие сте осудени на улога на дете и сте лишени од правото да раководите со својот живот. Беспомошноста на населението е тешка за опишување, па често се користат синегдохи: луѓето кои патуваа во источниот блок во 80-те години на минатиот век, говореа за помама по фармерки во Советскиот сојуз  или како жителите на Источен Берлин не можат да одат во западниот дел од градот. За опишувањето на животот во Саудиска Арабија ја користиме кратенката „жените не смеат да возат“, тоа беа или се факти кои лесно можат да се демонстрираат. И повторно, не е крај на светот ако нема довволно фармерки за сите, нели? Со таквите примери всушност се обидувавме да го доловиме сивилото, ригидноста и чувството на ограниченост во таквите општества.

Модерна автократија не постои, затоа што позитивна визија за иднината не е возможна ако не можете да учествувате во нејзината изградба. Затоа и животот под авторитарниот комунизам секогаш изгледал така тмурен. Не заради лошата понуда во продавниците, туку затоа што граѓанскиот идентитет беше окован со сегашност без излез.

Во Првата светска војна, Шкотскиот комитет за штедење испечатил постер: „Со угодувањето за себе, работите за непријателот“. Тоа е моето ново мото: сега не можеме себеси да си дозволиме дебата за разликите меѓу најлошите, помалку лошите и диктаторите на кои убаво им стои беретка. Со одбивањето да ја осудите диктатурата, отстапувате од себе и му помагате на непријателот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика