X
 23.11.2022 Живот

Доказ дека не се од овој свет - јапонските навивачи останаа за да го исчистат стадионот по отворањето на СП

Светското првенство штотуку започна во Катар и иако Јапонија игра дури в недела, јапонските навивачи веќе направија бум.

Инфлуенсерот Омар Фарук објави видео снимено на крајот од воведниот натпревар меѓу Катар и Еквадор. На негово изненадување, јапонските навивачи останаа по крајот од натпреварот за да се осигурат дека стадионот е беспрекорен и го собраа ѓубрето на другите навивачи.

На инстаграм-видеото Фарук е воодушевен од јапонските навивачи бидејќи тие ги метат патеките држејќи кеси за отпадоци и гледаат да остават сè беспрекорно чисто. Овој тип на однесување не е невообичаен во Јапонија, каде што сите од мали нозе учат дека пред да си заминат, прво мора да исчистат. Тоа е културна норма која е знак на почит и очигледно го прават во која било земја.

- Јапонските навивачи одлучија да го исчистат стадионот, а не е ни нивен натпревар. Кога ги прашав: „Зошто чистите нешто што не е поврзано со вас?“, одговорот беше: „Ние Јапонците никогаш не оставаме ѓубре зад нас. Го почитуваме местото каде што се наоѓаме“ - објаснува Фарук.

Ова не е првпат јапонските навивачи да чистат зад себе. Дури и по нивната потресна загуба од Белгија на Светското првенство во 2018 година, тие се погрижија да го остават стадионот беспрекорен, нешто што го правеа во текот на целото натпреварување.

- Чистењето по фудбалските натпревари е продолжување на основното однесување што се учи во јапонските училиште, каде што децата ги чистат училниците и ходниците. Со постојано потсетување во текот на детството, ова однесување станува навика за голем дел од јапонската популација - вели Скот Норт, професор по социологија на Универзитетот во Осака.

Според Норт, чистењето на меѓународен настан како Светското првенство е начин Јапонците да ја покажат својата култура и да ја покажат гордоста што ја имаат во грижата за планетата. Така, до крајот на Светското првенство во 2022 година, очекувајте овие навивачи да продолжат со рутината за чистење.


Извор: Mymodernmet.com
Фото: Screenshot/Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот