X
 29.12.2017 Наука

Што му се случува на вашиот мозок кога ќе умрете?

Може да се замислите себеси како шетате низ поле опкружени со саканите. Или можеби одите низ долг, мрачен тунел кон брилијантна магична светлина.

Кога ќе се соочите со крајот на вашиот живот, она што ќе го доживеете ќе биде тајна, позната само за вас - но што и да е, научниците велат дека последните моменти од вашата свест би можеле да се последица од нешто неверојатно и мистериозно што се случува во вашиот мозок.

Во 2013 година истражувачите на Универзитетот во Мичиген откриле дека по клиничката смрт кај стаорците, нивната активност на мозокот всушност се разгорела, со што свеста ги надминала нивоата пронајдени кога животните се во будна состојба.

„Сметавме дека ако искуствата блиски со смртта произлегуваат од мозочната активност, тогаш нервните корелации на свеста треба да можат да се идентификуваат кај луѓето или животните, дури и по прекинувањето на церебралниот крвен проток“, вели неврологот Џимо Борјигин.

И ова е она што тие го откриле кај анестезираните стаорци кои покажале наплив на висока синхронизирана активност на мозокот во период од 30 секунди по индуцираниот срцев удар. Појавата за научниците е откровение, до степен до кој може да ја побие идејата дека само поради тоа што протокот на крвта престанал како резултат на клиничката смрт, мозокот нужно мора истовремено да биде инертен.

„Ова истражување покажува дека намалувањето на кислород и гликоза при срцев удар може да ја стимулира активноста на мозокот, што е карактеристично за процесот на свеста“, вели Борјигин.

„Исто така, ја обезбедува и првата научна рамка за блиски искуства со смртта, пријавени од страна на луѓето што доживеале срцев удар“, додава тој.

Се разбира, додека наодите не воспостават нова рамка за откривање од каде би можеле да доаѓаат блиските искуства со смртта, не мора да значи дека луѓето ќе бидат подложени на истиот когнитивен блесок како стаорците.

Но ако нашиот мозок се однесува на ист начин, тоа би можело да помогне да се објасни чувството на свесност што го пријавиле многу луѓе што биле успешно реанимирани.

Во 2014 година истражувачот Сем Парниа од Универзитетот „Стони Брук“ го спровел најголемото истражување што ги анализира сите блиски искуства со смртта и искуства „надвор од телото“. Од интервјуата со повеќе од 100 луѓе што преживеале срцев удар, 46 отсто го задржале сеќавањето на средбата со смртта и сите доживеале слични работи - силна светлина, семејство и страв.

Уште поинтересно е тоа што двајца пациенти можеле да се сетат на настани поврзани со нивната реанимација, што се случиле откако умреле, што според конвенционалните ставови за свеста при клиничката смрт не би требало да биде возможно.

„Знаеме дека мозокот не може да функционира кога срцето ќе престане да чука, но во овој случај се чини дека свесноста продолжила да трае до три минути во период кога срцето не чукало иако мозокот обично се исклучува од 20 до 30 секунди откако ќе запре срцето“, вели Парниа.

Звучи неверојатно, но вреди да се напомене дека феноменот бил пријавен само од 2 отсто од пациентите, а и самиот Парниа подоцна признал дека најлесното објаснување веројатно би била илузијата. Таа „илузија“ би можела да доаѓа од невролошкиот одговор на физиолошкиот стрес за време на откажувањето на срцето. Со други зборови, когнитивното искуство ѝ претходи на самата клиничка смрт, која подоцна ја помни пациентот.

Нашето чувство за себеси, нашето чувство за хумор, нашата способност да размислуваме, сето тоа заминува во првите 10 до 20 секунди. Потоа, како што се шири бранот на мозочни клетки на кои им недостига крв, нашите спомени и јазични центри се намалуваат, додека не остане само јадрото.

Не многу охрабрувачко, меѓутоа, треба да се напомене дека не е во согласност со искуството на стаорците. Научниците уште бараат докази за изненадувачките биолошки процеси што продолжуваат да напредуваат и неколку дена по смртта.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука