X
 08.11.2023 Наука

Научниците го открија лицето на млада девојка која била жртвувана пред 500 години од Инките

Пред 500 години тинејџерка од Инките била жртвувана и погребана во близина на Ампато, заспаниот вулкан на Андите.

Од откривањето на нејзините неверојатно добро сочувани замрзнати останки во 1995 година, таа стана позната како „Ледената девојка“, Хуанита и „Дамата од Ампато“. Но, не се знаеше која била таа.

Шведскиот уметник Оскар Нилсон и истражувачи од Универзитетот во Варшава и Католичкиот универзитет во Санта Маријахаве создадоа 3Д-реконструкција на лицето на Хуанита.

Реконструкцијата е дел од изложбата во музејот на светилишта на Андите во Перу наречена „Капакоча, следејќи ги божествата на Инките“.

- Многу години мумиите се сметаа за предмети во музејот. Но, со спроведување научно истражување и реконструкција на лицето сакаме да го вратиме нивниот идентитет. Добро направената реконструкција ни овозможува да ги покажеме луѓето кои стоеле зад приказната што сакаме да ја раскажеме - вели д-р Дагмара Соча, биоархеолог од Универзитетот во Варшава.

Империјата на Инките, која траела од околу 1200 до 1533 година, некогаш се протегала на 4.023 километри низ она што сега се Перу и Чиле. Еден од најважните ритуали на Инките бил капакоча, кој вклучувал човечки жртви со принесување престижни предмети како што се керамика, благородни метали, текстил и морски школки.

1
Фото: Dagmara Socha

Според истражувачите, ритуалите биле спроведени за да се смират божествата и светите места и да се заштити заедницата од природни непогоди како суши, вулкански ерупции и земјотреси. Врвовите на Андите се сметале за свети места, а децата и младите жени, кои се сметале за убави и чисти, биле избирани за жртвените ритуали. Се сметало дека нивните жртви им носеле чест на нивните родители и задгробен живот во блаженство.

Откако биле жртвувани, се сметало дека децата и младите жени биле „посредници“ меѓу луѓето и божествата. Се верувало дека децата повторно се соединувале со нивните предци за кои се сметало дека гледаат од високите врвови на Андите.

Хуанита била откриена од д-р Јохан Рајнхард и неговиот помошник Мигел Зарате кога се искачиле на Ампато во септември 1995 година. Тие успешно стигнале до врвот само за да откријат дека дел од неговиот гребен се урнал, изложувајќи го гробното место на Инките, а со тоа и „Ледената девојка“. Тие внимателно ја симнале Хуанита од планината, а таа денес се чува во комора на -20  Целзиусови степени во музејот на светилиштата на Андите на Католичкиот универзитет во Санта Марија, каде што посетителите на музејот можат да ја видат.

Истражувањата покажале дека Хуанита била здрава девојка помеѓу 13 и 15 години и загинала по удар во главата. Таа била погребана во свечена облека, заедно со керамички предмети, златни и сребрени женски фигури, храна, ткаени кеси и керамика. Керамичките предмети биле украсени со геометриски фигури, кои сè уште се проучуваат и можеби биле дел од комуникацискиот систем на Инките.

Во 2018 година Соча и археолози започнале петгодишен проект за истражување на Хуанита, како и други остатоци и предмети пронајдени на вулканите Ампато, Мисти и Пичу Пичу. Тие откриле дека некои од децата и жените џвакале листови кока и пиеле ајахуаска во неделите пред нивната смрт. Наодите посочуваат дека тие ги користеле овие халуциногени растенија за намалување на анксиозноста пред нивната смрт.

Извор: CNN
Фото: Dagmara Socha
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука