X
 29.12.2018 Економија

Ова се платите за најбараните работи во Германија

И покрај големиот број луѓе што одлучија да одат во Германија на работа, на оваа земја сè уште ѝ фалат 1.200.000 работници. Но, кои се најбараните работници и колку се платени?

Судејќи по германските страници за вработување, како и страницата на нивната национална служба за вработување, повеќето од понудените работни места се со полно работно време.

Слободните работни места најчесто се во Берлин. Двојно помалку работни места се нудат во Минхен и Хамбург, а голема побарувачка со повеќе од 10.000 работни места има и во Келн, Штутгарт и во Диселдорф.

На листата со дефицитарни работни места има голем број професии, од занаетчиските до оние за работници со висока стручна спрема.

На една од водечките германски страници за барање работа е наведено дека има најголема потреба од продавачи, па повеќе од 4.000 работодавци нудат работа за продавачи во нивните продавници. На второ место се менаџерите за продажба, а на третото комерцијалистите, па најголемата потреба за работна сила во Германија е токму во областа на трговијата.

Кога станува збор за платите, тие во просек за продавач се движат помеѓу 1.700 и 1.800 евра.

Меѓу најбараните работни места се и возачите и возачите на виљушкари, кои се платени по час, а во просек тоа е околу 14 евра. Се бараат и автомеханичари и работници во областа на осигурувањето, кои може да добијат и 16 евра за час на некои места, а голема е побарувачката и за лица што би работеле во складиштата за стока, но и сезонски работи како берачи на одредени овошја.

На Германците им недостигаат и занаетчии, како вулканизери и заварувачи, а од работите за кои не треба диплома се бараат и чистачи, чија плата се движи до 1.800 евра месечно.

Голема е потребата и од работници во производството, а во зависност од местото и искуството, еден час се плаќа од 10 до 16 евра.

Студиите на „СтепСтоне“, страница за пребарување работи, покажуваат дека најплатена област во Германија е фармацевтската индустрија. Бруто-примањата на годишно ниво во оваа област се 69.377 евра. Нешто помалку земаат вработените во банкарството, а на третото место е автоиндустријата.

На четвртото место се вработените во хемиската и нафтената индустрија, а на петтото место се работниците во машинската индустрија со плати на годишно ниво од 65.353 евра.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија