X
 25.08.2017 Живот

Се живее ли достоинствено со 200 евра месечно?

Просечниот личен доход во Македонија минатата година изнесувал 302 евра месечно, а најбогатите 1 процент имале просечен доход од околу 4.200 евра месечно. Во Македонија има висока стапка на нееднаквост меѓу граѓаните кога станува збор личниот доход што го имаат, покажува анализата за доходовна нееднаквост што денеска првпат ја објави Министерството за финансии врз основа на податоци од Управата за јавни приходи.



- За половина од луѓето во Македонија што остваруваат доход, тој е под 212 евра месечно, 70 проценти имаат доход што е под 297 евра месечно, 90 проценти имаат е под 495 евра месечно. Од друга страна два проценти од луѓето имаат доход што е над 1.044 евра, а за еден процент е над 1.523 евра - истакна Бранимир Јовановиќ, советник во кабинетот на министерот за финансии.
Тој посочи дека највисокиот доход што е остварен во 2016 година изнесувал 2,6 милиони евра, а 15 лица оствариле доход над еден милион евра. Доход над 500 илјади евра минатата година имале 66 лица, над 200 илјади лица оствариле 283 лица, а 775 лица имале доход од над 100 илјади евра.

За високата доходовна нееднаквост укажува и податокот дека 775-те лица кои имале над 100 илјади евра доход заедно оствариле доход од 190 милиони евра што е еднакво на вкупниот остварен доход на 210 илјади лица кои имале најниски приходи.
Според Јовановиќ, податоците укажуваат дека се потребни суштински промени во одредени економски политики, а пред се зголемување на минималната плата и донесување на законот за стечајни работници, како и менување на даночната политика.
- Неопходна е даночна реформа со која трендот на намалување на даночниот товар кај набогатите ќе се смени во спротивна насока, односно да има раст, како што е тоа во сите развиени земји - рече Јовановиќ.

Направената анализа според министерот за финансии Драган Тевдовски е особено важна бидејќи од една страна без веродостојни податоци не може да се креираат нови економски и социјални политики, а од друга страна се создава притисок да се работи на намалување на неедаквоста на доход. Тој најави дека се подготвува даночна реформа и оти првите предлози се очекуваат до крајот на годината.
- Подготвуваме даночна реформа, а за нејзиниот успех е важно да бидат согледани сите важни прашања и да биде опфатен и институциналниот капацитет бидејќи тоа е сериозно прашање. До крајот на годинава ќе излеземе со нашите предлози за даночна реформа - истакна Тевдовски.

Со анализата се опфатени околу 90 проценти од граѓаните кои оставруваат доход или 940 илјади лица.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот