Истражувачи претвориле напуштен бунар за нафта и гас во систем за складирање геотермална енергија, пренаменувајќи место за екстракција кое некогаш загадувало во нешто за што велат дека се сведува на батерија за зелена енергија.
Како што е наведено во новата студија, истражувачите успеале да ја искористат структурата и покрај тоа што всушност не произведува геотермална енергија. Тие утврдиле дека тоа е совршено место за изградба на вештачки геотермален резервоар во кој би се чувала енергија во форма на топлина во околните карпи.
- Многу од истите карактеристики што ги прават подземните карпести формации идеални за екстракција на нафта и гас, исто така, ги прават идеални и за геотермално складирање. Поради тоа што местото каде што правевме тестови е поранешен нафтен бунар, поголем дел од потребната инфраструктура веќе е на место - истакнува Тагче Бејсер, водечки истражувач и професор на Универзитетот во Илиноис.
Долгорочната замисла е складирање на вишокот топлина од околната индустрија под земја и ослободување во вид на електрична енергија кога е потребно.
- Подземниот резервоар во суштина дејствува како голема подземна батерија, а истовремено се пренаменува напуштен бунар. Тоа е вин-вин ситуација - вели Бејсер.
При тестирањето тој и неговиот тим инјектирале вода претходно загреана на 50 Целзиусови степени во слој порозен песочник 915 метри под површината користејќи напуштен бунар. Резултатите биле изненадувачки.
- Резултатите од терен, во комбинација со дополнително нумеричко моделирање, покажуваат дека процесот може да одржи ефикасност од 82% за термално складирање - истакнува Бејсер.
Според студијата, тоа би бил профитабилен систем со кој би се произведувала електрична енергија за 0,138 долари за киловат-час.
Извор:
Futurism