X
 30.04.2017 Живот

Зошто леопардите го јадат својот плен искачени на дрво?

Леопард уловува жирафа. Ужива во гозбата искачен на неколку метри високо дрво. Леопардот се храни неколку дена, оставајќи само коски и кожа расфрлани наоколу.

Жирафата тежи 300 килограми, околу пет пати повеќе од својот убиец. Иако е малку чудно, сепак леопардот има добра причина зошто се мачи да го качи својот плен толку високо. Ако тоа не го направи, тој ризикува неговиот плен да биде храна за лавовите и хиените.

Тоа што пленот го качува на дрво му помага да спречи кражба, стои во студијата објавена во февруари годинава.

Студијата е изработена од непрофитната организација „Пантера“ која се фокусира на животот на дивите мачки. Откриено е дека леопардите често се соочуваат со кражби, односно има веројатност од 67 проценти нивниот плен да биде украден. Анализирани биле 104 леопарди и 2.215 оброци кои леопардите ги уловиле во периодот помеѓу 2013 и 2015 година.

Научниците откриле дека леопардите најмногу ловат пленови кои се половина или 1,5 пати поголеми од нивната тежина. Најмалите или најголемите пленови најчесто ги јадат на земја. Кога го уловуваат пленот, леопардите го влечат до некое дрво, па потоа го качуваат. Тоа понекогаш значи влечење на пленот и по неколку стотици метри. Но, ако забележат хиена, леопардите се искачуваат веднаш на најблиското дрво за да избегнат кражба.

Интересно е тоа што хиените можат да ги слушнат звуците кои леопардите ги испуштаат кога уловуваат плен и брзо се приближуваат. Често хиените и ги следат леопардите и веднаш се борат за да го земат пленот. Научниците велат дека хиените дури и ги игнорираат леопардите и се само заинтересирани да го земат убиеното животно. Често се случува и леопардите да бидат убиени од страна на хиените. Но, за среќа на леопардите, хиените не можат да се качуваат на дрвја, иако можат да ги земат остатоците кои ненамерно ги испуштаат леопардите додека го качуваат пленот на дрвото.

Друга предност за леопардите кои ги качуваат уловените животни на дрвјата е тоа што тие можат да го остават пленот на безбедно високо на дрвото, а во меѓувреме повторно да се упатат во лов.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот