Ако се качите во такси во Јапонија, може да се соочите со таблет кој ќе го скенира вашето лице за да ги утврди вашиот пол, возраста и други карактеристики и да ги искористи тие податоци за да ве таргетира со релевантни реклами.
Системот за препознавање лица беше тема на „Твитер“ откако инженерот за приватност на „Гугл“, Роза Голиџан, сподели фотографија од таблет на кој стои објаснување дека се користи за да го процени родот за да ја испорача најоптимизираната содржина - интересна најава за тоа како наметливите персонализирани реклами еден ден би можеле да бидат во целиот свет.
Во друг твит, објавен како одговор на Голиџан, може да се видат повеќе детали, вклучително и како се собираат и користат податоците. QR-кодот од сликата ве поврзува со страницата на „ДеНа Ко“ - поточно ве поврзува со страницата за „доверба и безбедност“ за такси-сервисот на компанијата.
Според она што е наведено на страницата, такси-сервисот бил воведен во јануари, а целта е да го направи возењето со такси поудобно и полесно.
Од компанијата објаснуваат и дека снимката од патниците се користи за да се генерира профил на патникот кој се праќа до маркетинг-агенција која, пак, потоа праќа релевантни реклами.
Маркетинг-компанијата не ја гледа снимката. Во случајот на Голиџан, тие знаеле само дека возрасна жена се вози во
автомобилот.