Употребата на механички средства за вежбање најпрво била систематизирана од страна на д-р Густав Зандер од Стокхолм, околу 1857 година. Оваа нова идеја се јавила во ера кога растечката индустријализација принудила милиони луѓе на седентарен живот.
Вклучувањето справи овозможувало помалку напор, терапевтско движење за оние со повреди, деформитети и оние што не биле во доволно добра форма. Зандер смислил речиси сто справи за да ги изведува своите вежби и манипулации, а неговиот систем на механотерапија станал многу популарен во Европа и имал голем број следбеници во Северна Америка.
Д-р Густав Зандер создал нов пристап кон физикалната терапија, заснован на справи со тегови за различни нивоа на отпорноста. Рачката работела како продолжение на мускулната група за која се вежба. Лизгањето на тежината кон крајот на рачката ја зголемувало отпорноста, со што се зголемувал обемот на работа на мускулите. Приближувањето создавало помал отпор.
Ова било револуционерно затоа што дозволувало секоја машина да се приспособи за да одговара на силата и физичките цели на секој корисник. За оние со парализа или екстремна слабост, моторизираните справи не дозволувале атрофирање на погодените мускули, а некои од нив дури и нуделе можност за масирање.
Ако го погледнете нивниот дизајн, ќе забележите дека овие справи за вежбање се многу слични на справите што денес се користат во фитнес-салите, одделите за болничка терапија, велнес-центрите или спа-центрите. Секој од моделите на Зандер бил насочен кон одреден сет на мускули или имитирал прецизна техника за масажа наменета да му помогне на корисникот.
Зандер го отворил својот прв велнес-институт во
Стокхолм во 1865 година и се здобил со меѓународна слава изложувајќи ги своите уреди за фитнес на меѓународните изложби во Брисел и Филаделфија во 1876 година. До периодот кога ја објавил својата книга „Медицинско-механистичката гимнастика на д-р Г. Зандер“, институтите на Зандер се прошириле низ целиот свет. Во 80-тите години д-р Зандер отпатувал за Њујорк за да основа институт во близина на Централ парк.
Тој починал во Стокхолм во 1920 година и, за жал, неговата смрт се совпаднала со последиците од Првата светска војна и светската депресија ги однела неговите справи во историјата. Сепак, неговите револуционерни идеи сè уште го добиваат заслуженото внимание.
Извор:
Rarehistoricalphotos.com
Фото: Tekniska Museet / The National Museum of Science and Technology in Sweden