X
 30.04.2023 Живот

Четиридневната работна недела може да ја спаси планетава

Четиридневната работна недела стана популарна тема низ светот изминатава година. Замислете секој викенд да ви е продолжен или секоја среда да имате можност да ја „преполовите“ неделата и да се одморите, и сето тоа без намалување на платата. Звучи одлично, нели?

Концептот веќе се тестира во многу компании во светот, а резултатите од едно истражување би можеле дополнително да го популаризираат овој шаблон на работа.

Имено, истражувањата покажаа дека четиридневната работна недела позитивно влијае врз околината.

Пред 12 години коосновачите на британската еколошка компанија за заштита на околината „Тајлер Гранџ“ направиле потег кој тогаш предизвикал чудење. Компанијата на сите вработени им дала еден слободен ден во месецот за волонтирање. Продуктивноста не паднала, вработените биле позадоволни, а експериментот успешен.

Истата компанија минатата година учествувала во најголемиот експеримент на концептот на четиридневна работна недела, во кој учествувале околу 70 компании од Велика Британија. По пробниот период, компаниите навеле придобивки како што се зголемена продуктивност и значителни финансиски заштеди за вработените. 56 од нив, односно околу 80 отсто од сите компании што учествувале, изјавиле дека ќе ја задржат четиридневната работна недела и по истражувањето.

Продуктивноста била зголемена за 22 отсто, а возењето на автомобили се намалило за 10 до 27 отсто


Истражувањето за четиридневната работна недела траело од јуни до декември 2022 година. Целта била да се процени дали компаниите можат да ја одржат продуктивноста со намалени работни часови, без загуба на платите на вработените. Повеќето очигледно успеале, а доказ за тоа е што одржувале четиридневна работна недела. Само во компанијата „Тајлер Гранџ“ од почетокот на тестирањето пресметале дека продуктивноста се зголемила за 22 отсто. Но, тие како консултанти за животна средина сакале да знаат и за влијанието на пократката работна недела врз јаглеродниот отпечаток на компанијата.

1
Фото: Pixabay

Резултатите биле неверојатни. Бројот на поминати километри со автомобил се намалил за околу 21 отсто, откако биле исклучени состаноците и други несуштински патувања. Еден од најважните фактори што придонесуваат за климатските придобивки од четиридневната работна недела е намалување на патувањето. Во Велика Британија во пилот-периодот се намалило за 10 отсто: од 3,5 часа на 3,1 часа, а во САД за 27 отсто.

Луѓето го минуваат слободното време во активности кои не ја загадуваат животната средина

Истражувањето во Обединетото Кралство и во САД покажа дека многу луѓе го користат времето кое инаку би го користеле за работа и патување, за активности со ниска емисија на јаглерод, како планинарење или хоби во домот. Исто така, податоците од Обединетото Кралство покажаа дека промената на пократка работна недела довела до зголемување на проеколошките однесувања: учесниците во истражувањето поминувале повеќе време волонтирајќи за еколошки причини, биле повнимателни со рециклирањето и купувале еколошки производи.

Помалку потрошувачка на енергија во центрите за чување податоци

Забележан е уште еден интересен ефект врз заштитата на животната средина. Емисиите на јаглероден диоксид поврзани со испраќање и складирање податоци значително се намалиле. Секој голем центар за податоци може да користи иста количина електрична енергија како 50.000 домови, така што ова била уште една значајна победа. Секако, не можат сите индустрии да функционираат со четиридневна работна недела, туку оние што јасно можат да ги забележат позитивните ефекти.

Какво ќе биде влијанието врз животната средина, во голема мера зависи од тоа како вработените го користат дополнителното слободно време што им е дадено. Ако се возат со авион и патуваат стотици километри за продолжен викенд, нема да го намалат, туку ќе го зголемат својот јаглероден отпечаток. Но, резултатите од САД и Велика Британија покажуваат дека повеќето испитаници не ја зголемиле потрошувачката на енергија, а нивниот јаглероден отпечаток е 20-40 отсто помал во деновите од викендот. Четиридневната недела има предност и во однос на многу други климатски решенија: не се доживува како жртва и напор. Пократка работна недела без губење на платата е нешто со кое сите со задоволство ќе се согласат.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот