X
 12.05.2022 Живот

За штетното влијание на загадениот воздух врз кожата, објаснува д-р Наташа Теовска-Митревска

Според Светската здравствена организација (СЗО) 22 % од луѓето во светот живеат во градови кои не ги исполнуваат стандардите за квалитет на воздухот на СЗО. Човечките активности што доведуваат до загадување и оштетување на животната средина се од најразличен вид и меѓусебно поврзани, а аерозагадувањето повеќекратно влијае врз здравјето на луѓето.

Еден од најпогодените делови е човековата кожа и токму затоа, за штетното влијание на загадениот воздух врз овој дел од човековото тело, како и за начините како да се заштитиме во деновите кога воздухот е најзагаден, зборувавме со д-р Наташа Теовска-Митревска, специјалист дерматолог. Таа е магистер по јавно здравство и е активен член во многубројни здруженија од областа на дерматологијата, алергологијата и естетската медицина, а веќе 12 години е дел од тимот на ПЗУ „Ремедика“.

Според д-р Теовска-Митревска, иако човековата кожа дејствува како биолошки штит против про-оксидативните хемиски и физички загадувачи на воздухот, продолжената или повторувачка изложеност на високи нивоа на овие загадувачи може да има длабоки негативни ефекти врз кожата.
- Изложеноста на кожата на загадувачи на воздухот е поврзана со стареење на кожата и воспалителни или алергиски состојби на кожата како што се атопичен дерматитис, егзема, псоријаза или акни, додека ракот на кожата е меѓу најсериозните ефекти - вели д-р Наташа Теовска-Митревска.

Во надворешниот простор, загадувачите на воздухот можат да го пробијат озонскиот слој, дозволувајќи ултравиолетовото зрачење од сонцето да помине преку горниот слој на атмосферата. Не само што ова може да доведе до карцином на кожата, туку може и да се ослободат слободни радикали кои се апсорбираат преку кожата и можат да влијаат врз целото тело со оштетување на клетките и предизвикување други болести. Според д-р Теовска-Митревска, ефектите врз кожата можат да се манифестираат со сувост, која понатаму ја нарушува заштитната обвивка на кожата и доведува до влез на алергени, бактериски или вирусни микроорганизми, како кај децата така и кај возрасните.



- Сè почесто во нашите ординации се присутни пациенти кај кои во услови на зголемена загаденост на воздухот, состојбата што претходно ја имале им се влошила. Најранливи категории се младата популација, адолесцентите, децата и постарите лица, како и луѓето кои веќе боледуваат од одредена болест, било да се работи за кожно заболување или заболувања на други органи - споделува д-р Наташа Теовска-Митревска.

Во деновите кога метеоролозите прогнозираат лоши услови за квалитет на воздухот и мерните станици покажуваат високо ниво на аерозагаденост, таа препорачува да се носат кошули со долги ракави. На тој начин ги задржувате честичките од загадувањето на воздухот подалеку од вашата кожа. Исто така, пред да излезете на отворено, таа советува користење крем со фактор за сончевите зраци, дури и во зимски услови и соодветна козметика за заштита од загадување и надворешни штетни агенси во континуитет.

Интересен е фактот што истражувањата објавени од Агенцијата за заштита на животната средина укажуваат дека загадувањето на воздухот во затворен простор може да биде дури два до пет пати повисоко од нивото на загаденост што се регистрира надвор. Загадувачите во затворениот простор може да предизвикаат иритација на кожата и исип, а тоа значи дека ниту во домот не сме целосно заштитени од загадувачите.

Во насока на обезбедување што почист и поквалитетен воздух во домашни услови, д-р Теовска-Митревска советува подобрување на вентилацијата во затворениот простор, односно овозможување повеќе свеж воздух, одржување на влажноста на ниско ниво и употреба на производи што испуштаат пониски количини на формалдехи. Покрај тоа, таа препорачува користење правосмукалки со филтер ХЕПА и правосмукалки за редовно чистење на честички од прашина што се наоѓаат во теписите и на други површини за домаќинството, како и одржување на филтрите за климатизација чисти за да можат да ги задржат загадувачите во затворен простор.

Автор: д-р Наташа Теовска-Митревска, специјалист дерматолог

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот