Не само што морето нè прави поопуштени поради самиот факт што конечно можеме да се опуштиме туку и ја менува хемијата на нашето тело, тврдат научниците. Ни го менува нивото на хормоните, срцето ги забавува отчукувањата, ни се подобрува расположението...
Уште во 18 век шкотскиот доктор Вилијам Букан поттикнувал капење во морето бидејќи сметал дека има лековито дејство. Затоа и не чуди што денес многу болници и центри за лекување се сместени покрај море.
Во не толку далечното минато научници одлучиле да се позанимаваат со влијанието на морето и другите природни опкружувања врз човечкиот организам во проектот наречен „Сино здравје“.
Тие откриле дека звуците на морето го стимулираат фронталниот кортекс, подрачје на мозокот одговорно за нашите емоции и лична релфексија. Шумот на морето ја шири самосвеста и благотворно влијае врз чувствата.
Кога сме на плажа, нашето тело апсорбира повеќе кислород и го регулира нивото на серотонин во телото, познат како хормон на среќата и материја што ја контролира анксиозноста, а тоа резултира со чувство на душевен мир сличен на оној по практикување јога и медитација.
Експертите велат дека звуците на морето го намалуваат нивото на хормонот за стрес, кортизол, во телото. Дури и шумот на брановите го споредуваат со звукот на отчукување на срцето што децата го слушаат во стомакот на мајката, па тоа во подоцнежните години несвесно ги потсетува на сигурност и заштита што ја чувствувале во текот на развојот во матката.
- Кога гледаме во морето или сме на брегот, всушност, се наоѓаме во прекрасно, стабилно опкружување. Се чувствуваме сигурно и далеку од местата на кои сме под некој вид закана, можеби од диви животни во џунглата или криминалци во големите градови. Површината на морето кај нас буди чувство на стабилност и сигурност - објаснува Мајкл Мерезник, научник од Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Франциско.
Едно истражување покажало дека кога се сончаме на
плажа, топлината влијае врз нашиот ендокрин систем одговорен за ослободување ендорфин - истата хемикалија поради која се чувствуваме среќни секојпат кога уживаме во чоколадо.