X
 30.01.2024 Наука

Пеењето и свирењето на инструмент помагаат да се зачува здравјето на мозокот во староста

Пеењето и свирењето на инструмент може да помогнат во зачувувањето на здравјето на мозокот во староста, откриваат британските научници.

Свирењето и читањето музика може да помогнат во одржувањето на добрата меморија и способноста за решавање сложени задачи, покажува истражувањето на британските научници објавено во „Интернешнл журнал оф гериатрик сајкајатри“. Научниците наведуваат дека музиката треба да биде дел од начинот на живот кој помага да се одржи здравјето на мозокот.

Во истражувањето биле проучувани повеќе од 1.100 луѓе на возраст над 40 години, со просечна возраст од 68 години.

Научниците од Универзитетот во Ексетер ги анализирале податоците за нивната мозочна функција како дел од поширокото истражување кое се занимавало со тоа како старее мозокот и зошто луѓето развиваат деменција. Тие ги проучувале ефектите од свирењето на инструмент, пеењето, читањето и слушањето музика и музичките способности.

Когнитивните податоци на испитаниците подоцна биле споредени во истражување кое анализирало кој од нив на кој начин се занимавал со музика, а кој не. Нивните резултати покажале дека најмногу корист имале луѓето што свиреле на музички инструмент, што можеби се должи на повеќекратните когнитивни барања на оваа активност. Свирењето на пијано и слични инструменти се покажало особено корисно, а добри резултати покажале и дувачките инструменти.

Но, се чини дека едноставното слушање музика не помага за когнитивното здравје. Добросостојбата што се гледа од пеењето може делумно да се должи на познатите социјални аспекти да се биде во хор или група, велат истражувачите.

- Бидејќи имаме чувствителни тестови за мозок за ова истражување, можеме да ги разгледаме поединечните аспекти на функциите на мозокот како краткорочната меморија, долгорочната меморија и решавањето проблеми и како пуштањето музика влијае врз нив - изјави водачот на истражувањето, професорката Ен Корбет.

Ова го потврдува она што веќе го знаеме за придобивките од музиката. Конкретно, свирењето на инструмент има особено голем ефект, а луѓето кои продолжуваат да свират и во староста имале дополнителна корист, вели таа.

Во истражувањето, луѓето што редовно „читале“ музика имале подобра нумеричка меморија.

- Нашиот мозок е мускул како и секој друг и треба да се вежба, а учењето да читате музика е слично како учењето нов јазик - вели таа.

Професорката Колберт вели дека иако се потребни повеќе истражувања, промовирањето на музичкото образование може да претставува „вреден“ дел од препораките за јавното здравје, како и охрабрувањето на постарите возрасни лица да ѝ се вратат на музиката подоцна во животот.

- Би било наивно да се мисли дека свирењето на музички инструмент би значело дека нема да развиете деменција. Не е толку едноставно - додава таа.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука