Минатата година во Македонија се регистрирани 18.648 живородени деца, од кои 11.224, односно 60,2 отсто се од градските подрачја, а 7.424 или 39,8 отсто се живородени во селските подрачја, соопшти Државниот завод за статистика.
Најголемо учество во однос на вкупниот број раѓања по региони има Скопскиот со 38,9%, а најмало Источниот Регион со 6,3%.
Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја е 29,9 години, а во селските подрачја 28,4 години. Просечната возраст кај првите раѓања во градските подрачја е 28,3 години, а во селските подрачја 26 години. При првото раѓање мајката од селските подрачја е помлада за 2,3 години, истакнаа од ДЗС.
Природниот прираст кај населението e негативен и во градските подрачја изнесува -6.731 лице, a во селските подрачја -3.137 лица.
Колку за потсетување, во 2020 година во Македонија имаше 19.031 живородено дете.