X
 12.08.2016 Образование

Во Македонија денес има 20 училишта помалку отколку пред една деценија

За десет години бројот на основни учичишта во Македонија се намалил дури за 20.  Според Државниот завод за статистика во учебната 2005/06 година во земјава имало 1.008 основни училишта, а лани само 988. Две помалку сме имале во 1014 и во 2012. На што се должи ова драстично намалување на бројот на училишта, дали се затворени заради намалениот број на основци или станува збор за спојување на подрачни училишта?




Извори од општинските одделенијата за образование велат дека најголема опасност за затварање на училиштата има во селата, поради драстично намален број на ученици.
- Подрачните училишта во голем број општини се одржуваат вештачки. Има училишта отворени и за неколку деца, што е економски неисплатливо, се со цел да не се затворааат училишта. Општините прават сè
 да нема затворање на школи, но деца нема и се помалку ќе има. Сепак, некаде веќе нема излез, па се спојуваат со соседните училишта - вели општински инспектор.

Ваква ситуација имаше во Велес, кога згасна основното училиште „Трајко Андреев“ откако истото се спои со „Блаже Конески“.
 Од Министерството за образование и наука се со сличен став. На прашањето што се случило со овие 20 училишта кои веќе не постојат според статистичките податоци, од МОН го добивме овој одговор:
- Бројот на основни училишта како правни субјекти не е намален. Податокот кој го споменувате се однесува на подрачни училишта, кои се споени со други подрачни училишта од најблиските околни населени места, заради подобра функционалност - велат од министерството.

Маријана Смилевска е наставничка во подрачно основно училиште во мало населено место. Вели дека со колешката им предаваат на 20 ученици во пет одделенија во комбинирани паралелки.
- Во следнава учебна година ќе имаме само едно прваче, а јас во трите одделенија на кои им предавам истовремено, ќе имам десеттина деца. Општината излегува во пресрет и не го затвора училиштево, но ако нема деца се знае што ќе биде, децата ќе одат во друго училиште во соседното село. Со нашите работни места којзнае што ќе биде - вели загрижено Смилевска.
Инаку, според Државниот завод за статистика во учебната 2015/16 година сме имале 185.992 основци, а во 2005/06 во земјава учеле 235. 691 ученици. Ова значи дека за десет години бројот на ученици е намален за 49.699.

Според законските прописи, основно училиште може да се основа ако има доволен број ученици за формирање на најмалку по две паралелки од прво до деветто одделение, односно 18, но и со помалку ако основачот може да обезбеди финансии (во случајов основач е општината).

Во Србија лани вкупно 109 школи работеле само за по еден ученик, а 131 училиште поради два. Затоа Министерството за образование најави рационализација на училиштата, односно ако немаат доволен број на ученици ќе треба да се спојуваат, па на многу од нив ќе треба да им се стави клуч на врата.

Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование