Во април била најниска, а во јануари највисока просечната исплатена нето-плата во земјава, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика.
Така во јануари просечната месечна исплатена нето-плата по вработен изнесува 27.540 денари. Нејзино зголемување во однос на претходниот месец е забележано во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (16,6 %), транспорт и складирање (12,9 %) и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (9 %).
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април 2020 година изнесува 25.830 денари. Намалување во однос на претходниот месец е забележано во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (9 %), стручни, научни и технички дејности (6,9 %) и транспорт и складирање (6,6 %).
Последните податоци на Државниот завод за статистика за август велат дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен изнесува 27.535 денари. Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: уметност, забава и рекреација (18,4 %), земјоделство, шумарство и рибарство (9 %) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (4,7 %).
Податоците, пак, на Агенцијата за вработување велат дека во септември сме имале 151.359 невработени регистрирани кај нив и 82.488 други лица што бараат работа.
Како невработени се водат оние што активно бараат работа на пазарот на трудот.
А како други лица што бараат работа, иако така се евидентираат, се оние што немаат работа, но во моментов не бараат активно работа, т.е. така се изјасниле при пријавување во агенцијата.