Уште од појавувањето на Чет-ГПТ кон крајот 2022, како и на другите алатки со вештачка интелигенција (ВИ) што излегоа потоа, луѓето размислуваат за можностите ВИ да замени одредени професии, обидувајќи се да сфатат дали и како новата технологија ќе го промени начинот на работа. И додека фокусот на ваквите расправи често се става на ризикот одредени работни места да се заменат со новите технологии, тие промени, како и општествените промени, обично нудат и нови можности за вработување.
Размислете, на пример, за подемот на е-трговијата - иако доведе до пад на работните места во малопродажбата, сепак, доведе до силен раст на работа во превозот и складирањето и сè уште е така. Според проекциите за вработување на американското Биро за статистика на труд, превозот и складирањето ќе бидат меѓу најбрзорастечките сектори во следната деценија и се предвидува дека вработеноста во тој сектор ќе пораснe за 8,6 отсто меѓу 2022 и 2032 година.
Најголем пораст на вработеноста од 9,7 отсто се очекува во секторот здравство и социјална помош, кој е помалку поттикнат од технолошките промени, а повеќе од демографските движења. Поради стареењето на населението и растечките преваленци на хронични болести, се предвидува дека во секторот на здравствена заштита и социјална помош до 2032 година ќе се отворат 2,1 милиони нови работни места, што ќе биде речиси половина од сите нови работни места што се очекува да се отворат до крајот на проектираниот период.
Гледајќи ги поединечните професии, трендот е очигледен, па има предвидувања дека помошник за домашно здравје и лична нега ќе биде најбрзорастечко занимање во следната деценија, со додадени повеќе од 800 илјади работни места до 2032 година. Со регистрираните медицински сестри и менаџерите на медицински и здравствени услуги во првите десет, јасно е дека здравствениот сектор во целина ќе биде главниот двигател на растот на вработеноста во блиската иднина.
Фото: Statista
Извор:
Statista
Насловна фотографија: Freepik